94-то издание на Оскарите кое се одржа вчера во театарот „Долби" во Холивуд, остана во сенка на скандал, откако Вил Смит се качи на сцена и му удри шамар на комичарот Крис Рок кој претходно се пошегува со изгледот на неговата сопруга Џејда Пинкет Смит која има алопеција и поради болеста целосно ја изгуби косата.
Крис Рок ја коментираше Џејда дека личи на Деми Мур во филмот „Џи Ај Џејн", на што Вил Смит првично се насмеа, но веднаш потоа бурно изреагира, се качи на сцена и му удри силен шамар на својот колега.
Можеби во прв момент публиката помисли дека ова е дел од сценариото, но потоа Смит откако се врати продолжи да упатува пцовки кон Крис, со што потврди дека се работи за инцидент кој дури ни режијата не успеа да го камуфлира.
Целата ситуација предизвика шок кај сите присутни.
Кратко после тоа, Вил Смит ја доби златната статуетка за Најдобра главна машка улога, за неговото портретирање на таткото на тенисерките Венус и Серена Вилијамс, „Кралот Ричард".
Во својот емотивен говор се извини за предизвиканиот инцидент.
„Сакам да бидам посредник за љубовта, сакам да им се заблагодарам на Венера и Серена, на целото семејство Вилијамс што ми ја доверија приказната. Тоа е она што сакам да го правам, да бидам амбасадор на љубовта, грижата, вниманието. Сакам да се извинам на Академијата и на номинираните, ова е прекрасен момент и не плачам затоа што ја добив наградата. Не се работи за тоа, потребно е сите други луѓе да се осветлат со светлина. Уметноста го имитира животот, сега изгледам како тој „лудиот татко". Но, поради љубов луѓето прават луди работи. Многу работи се многу комплицирани за мене, но – ви благодарам за оваа чест, на овој момент, ви благодарам во името на Ричард и во име на целото семејство Вилијамс", кажа Смит во својот говор.
Сепак, покрај скандалот Оскарите се најблескавата филмска ноќ во годината со најламурозниот црвен килим што може да го погледнете на овој линк.