Отсуство на театарски бон-тон е одраз на немање свест и знаење

27 март 2018

Низ социјалните мрежи веќе извесен период кружат видеа за театарски бон-тон. Иницијативата произлезе од училиштето-идеја „Театар за сите“ како реална потреба за едукација на публиката во тој дел.

Пред почетокот на секоја претстава е посочено на одредени правила, како исклучување на мобилните телефони, забрана за снимање и слично, но без разлика колку тоа било јасно, сепак публиката успева да биде „глува“ на таквите „молби“.

Денска е Светски ден на театарот, а по тој повод одлучивме да ги собереме на купче сите видеа, досега 19 на број, на тема театарски бон-тон, а и да позборуваме со Милош Б. Андоновски од „Театар за сите“ околу идејата.

Во тој контекст го прашавме каква е врската на театарскиот бон-тон со домашното воспитување.

- Непристојното однесување, во театарот или во животот, едноставно е немање свест за последиците кои произлегуваат од него. Некогаш е и недостиг на знаење, а некогаш е немање „ни срам, ни перде:)“ - вели Андоновски.

Досега 19 личности од театарскиот свет на свој начин се обидоа да придонесат за што подобро однесување во театарот (па и во животот), а како вели Милош, акцијата ќе трае до крајот на месецов, како месец на театарот.

Милош Андоновски

-Сепак, ако добиеме повеќе видеопораки во знак на поддршка, акцијата ќе трае додека не ги објавиме сите, а објавуваме по една на ден. Немам доволно сознанија за ефектот меѓу народот, но ако судиме по коментарите на социјалните мрежи, гледам интерес, од време на време, ќе се јави некој кој ќе надополни или ќе поттикне нова идеја за нова театарска бонтон лекција, која не сме ја предвиделе. За да има ефект мора да се вклучиме сите, не само јас со мојот ентизијазам и верба, туку и сите театарџии, а секако и публиката – посочува Милош.

Го прашавме и што гледачот може да придонесе за театарот, освен да се однесува културно:

- Може да (на)учи за театарот и да бара повеќе од него и од нас (театарџиите). Може да не се задоволува со претстави „тралалајки“ и да не станува од столот само зашто сите останати стануваат да аплаудираат. Гледачот може и за промена да почне да прави разлика зашто не чини сѐ што гледа: продаваната претстава не значи дека е и добра претстава.

„Театар за сите“ има за цел токму тоа – да го приближи театарот до сите. Театарот треба да е за сите, но може ли навистина да биде:

-Може, само со добра навика на одење во театар, проникната од рана возраст. Инаку има и гратиси, има денови за студенти, има попусти, но како пак нешто да недостасува – вели Милош.

Ако денеска планирате да одите на театар на некоја од понудените пертстави на репертоарот на нашите театри, претходно погледнете ги видеата што цел месец кружат по социјалните мрежи и прославете го Светскиот ден на театарот како вистински вљубеник во оваа уметност:

#1 Ѕвонење на телефон за време на претстава

 

#2 Одговарање на повици за време на претстава

 

#3 Користење социјални мрежи за време на претстава

 

#4 Доцнење на претстава

 

#5 Оставање на отпадоци во гледалиште

 

#6 Храна и пијалоци за време на претстава

 

#7 Коментирање за време на претстава

 

#8 Редовно одење во театар

 

#9 Поддршка за независна сцена

 

#10 Информирајте се за претставата

 

#11 Фотографирање со блиц

 

#12 Побарајте помош од редар

 

#13 Студенти од Академска сцена

 

#14 Купете билет на време

 

#15 Поддршка од Солун, град на духови

 

#16 Поддршка од Никој, никогаш не ме прашал

 

#17 Отидете и сами во театар

 

#18 поддршка од доцент Никола Настоски - ФДУ

 

#19 поддршка од екипата на Мечка - Театар Комедија

Објавено:
27 март 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.126 пати