Утре: Премиера на претставата „Ожени ме“ на „Театар провокација“

26 мај 2021

„Ожени ме“ е насловот на новата претстава од „Театар провокација“ која својата премиера ќе ја доживее утре.

Дали љубовта кон себеси го намалува интензитетот на сакањето на партнерот? Каде е границата? Дали љубовта треба и да боли или само да нè разнежнува и мотивира да растеме и да се менуваме? Дали таа е „прекинувачот" за нашата среќа? Дали љубовта мора да се круниса со БРАК, или бракот е само старомодна архаична институција со која општеството го стигматизира човекот за да може полесно да го манипулира.

Овие скокотливи теми ќе бидат експлицитно отворени и дефинитивно ќе ве стават во ситуација да ги преиспитате воспоставените општествено-морални вредности. Ќе ве натераат да ги согледате нијансите во сопствената врска, мотивирајќи ве да ја засилите нијансата на црвена (љубовта).

Главните улоги ги имаат актерите Изабела Јакимова и Бранко Атанасов, а на сцената е и саксофонистот Бобан Цветановски, кој во живо изведува музика.

Костимите се на домашниот етаблиран бренд Елена Лука.

Режијата и сценографското решение се на  Роберт Ристов, кој е и продуцент на претставата заедно со Мирјана Ристова.

Премиерата е закажана за 20 часот во Дом на културата „Димитар Влахов“ во Автокоманда.

Време е да уживаме во театарската магија!

 

фото: Фросе Левковска/Театар провокација

Објавено:
26 мај 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
941 пати