Пит Нелсон: Кој вели дека само птиците живеат на дрвjа?

19 август 2014

Тој е маестрален гениј, визионер, љубител на дрвја, архитектура и висока естетика. Пит Нелсон или попознат како  господар на куќичките на дрво за возрасни, е човекот кој вели дека дрвјата не се само живеалиште за птиците туку и за луѓето. Пасијата на Пит е преточена во фамилијарен бизнис во Вашингтон каде тој живее со неговата сопруга, ќерката и двајцата синови близнаци кои теренски му помагаат и ја изучуваат специјалноста на татко им.

Популарноста на Пит Нелсон е толку голема што за неговите луксузни експертски дела на дрво се слуша низ целиот свет, а досега изградил стотина куќички во повеќе од 40 земји низ светот. Можеби досега сте успеале да гледате некоја епизода од шоуто на Пит насловено „ Treehouse Masters“ која се емитува на ТВ каналот „Анимал Планет“, а епизодите од емисијата се емитуваат и уште на неколку американски и европски телевизии.

Славата на Нелсон е толку голема што покажува и неговата годишна заработка од 1 милион долари, а најскапата куќа што ја изградил , чини неверојатни 400 илјади долари. Покрај тоа што пред камерите го споделува својот креативен процес, Пит има објавено и неколку книги преку кои дели совети како сами да изградите куќа на дрво.

-Срцето ми произведува премногу љубов кон дрвјата, јас тоа не можам да го контролирам. Живеам за на луѓето да им го претворам сонот во јаве и да создавам дом во кој можеби ќе се чувствуваат подобро и од оној што им е изграден на земјено тло. Некогаш куќичките на дрво беа само за мали деца, но тие мали деца кога ќе пораснат повторно може да уживаат во некое минато време, но на еден поинаков хедонистички начин, објаснува Пит.

Тој секогаш се води по желбите на неговите клиенти, кои навистина имаат специјални барања. Сепак, за Нелсон се е возможно, па’ во домовите поставени меѓу гранките инсталира струја, вода и се што може да има еден нормален дом за живот.

Во продолжение погледнете ги маестралните дела од височините на Пит Нелсон, кои сме сигурни дека ќе ве мотивираат да ги гледате како се создаваат и во неговата емисија.

 

 

Објавено:
19 август 2014
Категорија: 
Култура