Почина легендарниот македонски актер Мето Јовановски

16 ноември 2023

„Кофер ко кофер.... Празан", една од легендарните реплики на големиот Мето Јовановски во „Тетовирање" (1991).

За жал, оваа актерска легенда денеска нè напушти, во 77-та година од животот.

Голем број негови колеги веќе се збогуваат со него, со емотивни пораки на социјалните мрежи.
Мето Јовановски (роден во 1946 во с. Панчарево, Пехчевско) беше еден од најплодните македонски театарски, филмски и телевизиски актери.

Во 1971 година завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Мето Јовановски се истакнал како еден од водечките драмски уметници во Македонија.

Ова се само дел од наградите и признанијата со кои се закити како врвен глумец:

• Пет пати прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран";
• Седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински" во Прилеп;
• Четири пати Лауреат на наградата „Милтон Манаки"
• Награда на градот Скопје „13 Ноември"
• Републичка награда „11 Октомври" за поединечно глумечко остварување (1980)
• Републичка награда „11 Октомври" за долгогодишни, особено значајни остварувања од интерес на државата (1982);
• Државна награда на Република Македонија награда „Св. Климент Охридски"
• Златен венец на Фестивалот на Малите и експериментални сцени во Сараево (МЕСС), двапати за улогите во „Еригон" и „Карамазови";
• Златна маска од весникот „Вечер" за улогата на Порфирие во „Злосторство и казна" (Охридско лето)
• Награда на театарскиот фестивал „Ристо Шишков" - 2008, за најдобро глумечко остварување во претставата „Коза, или која е Силвија" од Едвард Олби, во режија на Дино Мустафиќ, Драмски театар.
• Награда „Петре Прличко" - 2010

Вечна слава!

 

Објавено:
16 ноември 2023
Категорија: 
Култура