Почина соул дивата Арета Френклин

16 август 2018

По тешко боледување, во 76-та година од својот живот, денеска во Детроит почина кралицата на соул музиката, Арета Френклин.

Пред неколку дена медиумите ја проширија веста дека таа се наоѓа во тешка здравствена состојба и е во кругот на најблиското семејство.

Во 2010 година ѝ беше дијагностициран рак на панкреасот, но таа и понатаму беше активна на соул сцената, се до минатата година кога по настапот на годишната гала на Фондацијата за борба против СИДА на Елтон Џон, најави повлекување.

„Во овие тешки моменти во нашите животи, не сме способни да ги најдеме најсоодветните зборови за да ја опишеме болката што ја чувствуваме. Го изгубивме столбот на нашето семејство", магазинот The Guardian, ја пренесе емотивната порака на членовите на нејзиното семејство.

Во март таа ја откажа нејзината турнеја, откако нејзиниот доктор ја советувал целосно да се одмори неколку месеци.

Соул дивата остави непроценливо музичко богатство.

Својата музичка кариера ја започнала во 1960-те, во црковен хор. Во музичката историја успеа да се запише како прва жена која влезе во Куќата на славните на рокенрол музиката. Добитничка е на 18 Греми награди и има продадено над 75 милиони албуми низ светот.

Во нејзина чест се потсетуваме на дел од нејзините култни соул хитови.

 

Објавено:
16 август 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
510 пати