Подвиг за поздрав: Бојан Киров, лице со дијабет ќе се обиде да го искачи Водно 5 пати на Светскиот ден на дијабетесот

11 ноември 2020

По повод 14-ти ноември - Светскиот ден на дијабетесот, Бојан Киров –Jimi, лице со дијабет тип 1, ќе се обиде 5 пати да го искачи врвот на планината Водно (1060), со што ќе им посвети по 1 метар на секое дете и возрасен со тип 1 дијабетес – 5000 лица во Р.С.Македонија. Подвигот ќе започне во 07:00 ч. утрото на 14 ноември со поаѓање од фонтаната кај полициска станица Водно. Искачувањето ќе се одвива 5 пати во текот на денот. При секое искачување, предвидено е тројца луѓе да го придружуваат Бојан, на безбедно растојание од 2 метри.

На врвот ќе биде стациониран медицински тим кој ќе се грижи за здравјето и безбедноста на Бојан и неговата придружба.

Подигање на свеста за дијабетесот, разбивање на стигмата, како и мотивација на лицата со дијабетес да почнат со физичка активност, секој во рамки на своите можности, се дел од целите што Бојан сака да ги постигне со овој подвиг, а во
соработка со „Здружение на дијабетичари Тетово".

Во моментов Бојан има започнато процес за регистрација на невладина организација, која ќе е задолжена за едукација советување и грижа на лица со дијабетес тип 1. Предвидени се едукативни семинари и вебинари кои ќе ја истакнуваат важноста на спортот за лица со Т1Д и ќе ја подигнат свеста за дијабетесот во Р.С. Македонија. Основна цел на организацијата ќе биде да докаже дека животот со дијабетес може да се одвива сосема нормално.

„Ние, лицата со дијабетес, и покрај тоа што спаѓаме во хронично „болни" според медицината базирана на докази, сепак сме нормални луѓе функционираме нормално, правиме сериозни потфати, па и покрај тоа сепак сме стигматизирани. Има многу погрешни информации дека не смееме да јадеме леб, тестенини, благо, сокови... Ние смееме да јадеме се, но во дозирни количини и пред да посегнеме по некоја храна која има јаглени хидрати во себе, треба да го измериме шеќерот во крвта, за да знаеме колку од таквата храна треба да изедеме и колку инсулин да вбризгаме во себе за таа храна", вели Бојан.
Здружението за едукација, советување и грижа на лица со дијабетес - Т1Д, ќе има задача да ги побие митовите поврзани со дијабетесот и да ја едуција општата јавност за животот со дијабетес. Идните активности, предвидени како продолжение на иницијативата „5000 метри за 5000 лаца со Т1Д" ќе бидат најавени и проследени на Facebook страната на организацијата.

Објавено:
11 ноември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
102 пати