Преку овие дела Васил Пујовски ќе живее засекогаш

10 септември 2019

Во македонските медиуми викендов одекна веста за смртта на писателот и поет и автор на голем број дела за деца и возрасни, Васил Пујовски.

На некои наши читатели можеби ова име не им значи многу, но доколку ги споменеме „Во светот на бајките“, „Дајте музика“, „Здраво Генијалци“, Никола, Никола“... ќе ви биде макар малку јасно дека Македонија се збогуваше со еден од најплодните автори.

Накратко, Пујовски е уредник на „Шарам-барам", „Чук,чук, Стојанче", „Умни глави", „Во светот на бајките", автор на насловните песни од „Дајте музика", „Здраво генијалци", на детски хитови како „Никола, Никола".

Од неговото творештво се издвојуваат делата: „Светот на детскиот сон" (поезија за деца, 1967), „Пред божји суд" (поезија, 1969),во издание на Детска радост, „Ајде да се дружиме" (тв-серија за деца, 1985), „Кралот Кускуле први" (драма, 1992),која се играше цела деценија на сцената на Театарот за деца и младинци во Скопје, „Дајте музика" (поезија за деца, 1994), „Прва лига" (поезија за деца, 1995), „Ѕвездено дете" (избор поезија, 1999) и „Ѕверка без мерка" (поезија за деца, 2000), последните негови четири дела се во издание на Книгоиздателството „Ѕвезда".

Воедно, тој е автор и на хитот „Кога те нема“ на Хелена Благне, а изведен на „Макфест“. 

Васил Пујовски е роден на 2 октомври 1946 во Д'мбени, Костурско, со потекло од Егејскиот дел на Македонија. Завршил Филозофски факултет во Скопје, а долги години работел во Македонската телевизија. Од 1968 беше член на Друштвото на писатели на Македонија. Почина на осми септември по долго и тешко боледување, во 72. година од животот.

Во продолжение ве потсетуваме на делата преку кои ќе живее засекогаш!

 

 

 

Објавено:
10 септември 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.244 пати