Снимањето на третата сезона на ситкомот „Преспав“ започна, а дел од медиумите, меѓу кои и нашиот сајт, вчера имаа шанса накратко да бидат дел од првата клапа, да посведочат за атмосферата и да поразговараат со дел од актерите.
Покрај веќе добропознатите ликови, актерската екипа ќе добие засилување. Се работи за доминантна дама во главна улога, актерката Јана Маринова од Бугарија. Македонската публика, која имаше можност да ја запознае во серијата „Врски“, во „Преспав“ ќе ја гледа во сосема ново издание.
-Мојот лик се вика Преслава. Многу сум среќна поради поканата на Пеце Талески, бидејќи актерите тука се многу талентирани и поинакви. Со нетрпение чекав да се запознаам со сите. Претходно, ги изгледав сите епизоди на „Преспав“. Преслава во „Преспав“ нема пријатели, но јас имам намера со актерите овде да бидам. :) .Ова е моето прво искуство во ситком, досега сум била дел од тв-серии, што се снимаат малку подолго. Во снимањето епизода на ден има предизвик и импровизацијата е голема, чувството за хумор треба да биде брзо и конкретно. Мислам дека го пронајдов моето место, бидејќи уште од првиот ден се чувствувам како дома – ни изјави Маринова и додаде:
-Во серијата ќе зборувам на бугарски, но ќе морам да зборувам и на македонски. На Бугарите им е многу смешно кога го слушаат македонскиот и претпоставувам дека и на Македонците кога слушаат бугарски. Така што, ќе мешаме малку од двата – низ шега вели Јана.
Вчерашниот ден беше нејзиниот прв тука, но без оглед на краткото време поминато со екипата, таа беше презадоволна.
- Многу е професионално, големи пофалби до целиот продуцентски тим, затоа што ваков проект е исклучително достигнување и сè е на многу високо ниво. Се радувам што нешто вакво се случува и тоа во братска држава, бидејќи сите сакаме да гледаме повеќе емисии, серии и телевизија на словенски јазици – посочи актерката.
На сетот се сретнавме и со Васил Зафирчев, кој ќе продолжи и во третата сезона да нè забавува преку ликот Марио.
- Марио е значајна алка од „Преспав“ како формат. Тој е лажливецот, манипулаторот, кралица на драмата. Ќе си ги задржи тие својства и квалитети и во новата сезона, иако имаме мали промени во визуелниот идентитет на ликот, во односите со другите ликови, особено во однос со неговиот партнер Тони. Во секој случај, нè очекува уште една убава нова сезона на „Преспав“, многу смешна, веќе интензивно работиме и уживаме во снимањето, а се надеваме дека и публиката ќе ужива во крајниот резултат. На почетокот кога почна „Преспав“ искрено не претпоставувавме дека можеби ќе доживее трета сезона, иако исклучително сериозно му пристапивме на проектот, особено бидејќи е прв македонски ситком. Ни беше битно да ја опфатиме теоријата на ситкомот, тоа што тој претставува како жанр, начинот како се создава, како се стигнува до конечен резултат. На тоа посветивме многу време, иако секако, не можевме да ја предвидиме реакцијата на публиката. Посебно на реакциите на младата публика, на децата, која навива за серијалот, секој си има некој свој омилен лик. Сакаат да нè гледаат и тоа е многу убаво. Драго ми е што после долги години, македонската публика има повторно можност да се собира пред вечерните часови пред ТВ и да ужива во телевизиски проект, кој притоа е и македонски – вели Зафирчев.
Третата сезона би била незамислива и без Ула.
-Ула веќе не е газдарица, тоа е она што можам да откријам, но всушност на сите ни е добро познато, бидејќи нели Наим го купи пансионот кон крајот на втората сезона. И друго не можам ништо да откријам. Полудена е, влезена во криза на средни години и не знае кој крај да го фати. :) За сега сè е одлично, темпото е малку напорно, една епизода дневно се снима, но нема проблем, бидејќи веќе сме фантастично „уиграна“ екипа – посочува Тијана Дапчевиќ.
View this post on Instagram
Освен комплетната актерска и екипата зад екраните, на првата клапа од третата сезона присуствуваа и ги поздравија сите присутни и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, продуцентот Пеце Талески и Марјан Цветковски, директорот на МТВ, каде и ќе се емитува и новата сезона.
-Самата жанровска реализација на претходните две сезони, неговата промоција во медиумскиот простор и афирмација од страна на публиката, како и високите креативни и продукциски стандарди кои ОХО ги постави со „Преспав“ беа мотив за поддршка на овој проект од страна на МРТВ. „Преспав“ со сигурност ќе ја збогати програмата на националниот сервис и ќе поттикне креирање на вакви слични проекти, затоа што јасно се покажа дека Македонија има капацитет за создавање на квалитетни аудиовизуелни продукти – изјави Марјан Цветковски, директор на МРТВ.
А свое кратко обраќање имаше и Талески, кој беше искрен и рече дека многу верувал во овој проект.
-Кога почнавме, беше предизвик воопшто поставувањето на ваков жанр и пуштање во етерот. „Преспав“ зборува за семејство, за луѓе што се околу нас, втората сезона беше предизвик за да видиме воопшто дали може да има втора сезона. Можам да кажам дека третата сезона ќе биде најдобра, имаме и засилување на актерската екипа, а и воедно најавувам многу новости во насока на прикажување на „Преспав“ надвор од границите на Македонија во земјите кои се во исто „транзициско тавче“како и ние – изјави Талески.
Останува да го чекаме декември и новите случувања во „Преспав“, а дотогаш да се потсетиме на претходните сезони, кои веќе се репризираат на МТВ.
За потсетување, идејата и концептот на „Преспав" се на Елеонора Венинова и продуцентот на серијата Пеце Талески, режијата е на Игор Иванов Изи. Ведран Тозија и Дина Дума. Сценариото пак го потпишуваат: Елеонира Венинова, Сашо Кокаланов, Алек Попов, Александра Миланова и Дељана Манева од Бугарија.