Љубителите на класичната музика ќе имаат несекојдневна можност в среда, 26 август, позади зградата на Музејот на македонската борба, да уживаат во концерт на реномираниот пијанист Дино Имери.
Се работи за нови композиции чиј автор е самиот Имери, а обединети под името „Рефлексии“.
- „Рефлексии“ е проект замислен пред многу години, а интензивната подготовка за негова реализација се одвиваше од почетокот на карантинските мартовски денови, па сè до сега. Се работи за мои композиции за пијано кои се плод на една внатрешна рефлексија која ми помогна да осознаам многу важни елементи од мојот живот, дел од кои се обидов да ги претворам во музика. Коцките се склопија овој концерт да се случи на крајот од летото, во блиска соработка со Музејот на македонската борба каде што и ќе се оддржи премиерата оваа среда (26.08.) под отворено небо, позади зградата на музејот“, објаснува пијанистот.
Личниот печат, виртуозноста на Имери, како и несекојдневните околноси во кои се создавале композициите, а и атмосферата во која ќе бидат изведени за првпат пред публиката, го прават концертот музички настан вреден за внимание.
-Се надевам дека ќе успееме заедно да ја претвориме оваа наша музичка рефлексија во моменти на среќно детство и сигурна иднина на децата и младите без родители и родителска грижа.
Музичкиот јазик кој го користам во ова дело е мојот мајчин јазик – сето она што во мојот уметнички и личен живот ме инспирирало, научило, фасцинирало, а најважно од се' - љубовта, искреноста и храброста. Се надевам дека публиката ќе се пронајде во музиката која ќе ја слушне и дека ќе ужива во оваа музичка приказна - вели Имери.
Влезот ќе биде бесплатен за сите заинтересирани посетители.
-Од особена важност ќе биде и хуманоста на ценетите гости, кои ќе имаат можност на лице место, како и онлајн (на страната www.sos.org.mk) да донираат и со тоа да ја поддржат работата на С.О.С. Детско Село - порачува Дино, што е само причина повеќе да бидете дел од овој концерт.
Почетокот на настанот е од 19 часот, а предвидено време за влез на публиката е од 18.30-19 ч. Воедно, за комплетно и безбедно уживање во концертот, за сите посетители е задолжително носење заштитна маска, а на влезот ќе се врши и задолжителна дизенфекција и мерење на телесната температура. Ќе биде испочитувано и одржувањето на физичкото растојание од најмалку 1.5 метри.