Самостојна изложба на скулпторот Жарко Башески во МАНУ

12 септември 2022

На 15 септември, со почеток во 19 часот, во просториите на МАНУ, ќе се одржи отворање на самостојна изложба на Жарко Башески, професор на Факултетот за ликовни уметности - Катедра вајарство, во Македонската Академија на Науки и Уметности.

Во рамките на изложбата ќе бидат изложени скулптури од неколку циклуси. Публиката ќе има можност да погледне постари дела кои претходно не биле изложувани во Македонија, вклучително и скулптури изложувани во Њујорк, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Мексико, како и сосема нови, претходно никогаш неизложувани дела.

Изложбата вбројува скулптури изработени во мермер, полиестер и силикон.
Куратор на изложбата е Натали Рајчиновска Павлеска, а настанот ќе биде отворен со текст на академик Венко Андоновски.

Публиката ќе има можност да ја посети изложбата во следните наредните две до три недели.

За уметникот:

Жарко Башески, роден 1957 година во Прилеп, е македонски скулптор и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Неговото гледиште во творештвото е свртено кон човечкото, па оттука и интересот за хиперреалистичен пристап во обликувањето на концептот на делото, кој во теоретската проекција го надминува хиперреализмот, зборува за животот и светот во кој живееме.

Во неговата работа има неколку елементи кои се нови во светот на скулптурата и тоа го прави неговото најново дело различно: концептот, современите погледи на човековата состојба преку самонабљудување, техничко производство и употреба на нови материјали (смола полиестер, полимермер, силикон , природна коса), хиперреалистичниот третман, големината на делото, филозофскиот пристап – сето тоа, кога се комбинира во едно, нуди повеќеслојно читање на уметничкото дело.

Поранешен член е на Националниот одбор за акредитација и евалуација, Сенатот на УКИМ и Интеруниверзитетската конференција. Од 1999 до 2009 година бил раководител на Катедрата за скулптура на Факултетот за ликовни уметности. Неговото дело е претставено на повеќе меѓународни изложби. Добитник е на бројни награди. Голем дел од неговото е во приватни колекции во земјата и во странство.

Линк до настанот на Фејсбук. 

Официјален Инстаграм профил на Жарко Башески.

Објавено:
12 септември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
70 пати