#Сегакажувам - кампања за гласно НЕ против молчењето и сексуалното злоставување

16 јануари 2018

На социјалните мрежи денеска се рашири кампања со ознаките #сегакажувам и #TaniTregoj, иницирана од независни активистки, меѓу кои Ана Василева и Ирена Цветковиќ.

После мега скандалот со режисерот Вајнштајн кој со години сексуално вознемирувал и злоуставувал жени, притоа користејќи ја својата позиција на моќ, а за кој редовно се пишуваше и во нашите медиуми, се наметна прашањето кој е ефектот (и дали воопшто постои) што ваквите текстови го имаат кај нас.

Харви Вајнстајн со поранешната сопруга Џорџина Чепмен

Жртвите на било кој тип насилство и вознемирување многу тешко се одлучуваат да ја споделат својата приказна со некого, уште повеќе со јавноста. 

Но, движењето и ознаката #MeToo благодарение на кое се открија и сите валкани игри и активност на светски познатиот режисер, покажаа дека и храброста знае да биде заразна и да предизвика лавина.

Би било повеќе од позитивно #сегакажувам да го има тој ефект, па затоа и нашиот сајт го поддржува ваквиот подвиг.

Денеска десетици жени почнаа да откриваат дел од своите искуства за принуда од позиција на моќ (доминантно на работното место) или сексуално вознемирување/насилство. Првичната цел е да се почнува да се зборува поотворено за оваа проблематика, да се потсети и појасни дека ниту еден тип на вознемирување и насилство не е нормален и не треба да се молчи.

„Целта на #СегаКажувам #TaniTegoj не е да се спроведе казна или одмазда врз поединечни престапници, туку да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што го имплицитно и суптилно го негува и наградува тоа „фраерско" токсично машко однесување“, потенцира Ана Василева преку својот Фејсбук профил.

Сè уште не се спомнуваат конкретни имиња во досегашните споделени исксутва, но сепак се одличен почеток за молкот да престане.

Сите што сакаат да придонесат за оваа проблематика или пак на било каков начин се препознаваат во приказната, можат да го споделат своето искуство користејќи ги споменатите ознаки.

Време е нештата да се нарекуваат со вистинско име, вистински да се препознаваат и системски да почнаат да се менуваат!

Објавено:
16 јануари 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
492 пати