Синедејс ќе се отвори со македонска премиера на играниот филм „Мими“

30 јуни 2022

На 7-ми јули, четврток, Македонската премиера на долгометражниот игран филм „Мими" во режија на Даријан Пејовски ќе го отвори овогодинешното издание на Фестивалот на Европски Филм Синедејс.

Филмот е селектиран во SEE програмата на Фестивалот и ќе се натпреварува за една од наградите за кои ќе одлучува жирито составено од словенечкиот режисер Дамјан Козоле, Диего Апарисио основач и уметнички директор на кипарскиот фестивал Queer Wave и Ѓулин Устун продуентка и раководителка на Meetings on the Bridge.

Мими ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара - млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има - мајчинството.

Улогите ги толкуваат: Наталија Теодосиевска како Мими, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов и други.

Даријан Пејовски е автор на сценариото по кое е снимен филмот, Дејан Димески стави свој потпис како кинематографер, сценографијата е на Игор Тошевски, Емилија И.Атанасовска – костимограф, Ива Куробаса - шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.

Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и истиот е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ - Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.

После Синедејс, „Мими" ќе биде прикажан на 69. Филмски фестивал во Пула, Хрватска, еден од централните филмски настани на овие простори, кој низ децениите изгради интернационално реноме. Филмот учествува во натпреварувачката Меѓународна програма на Фестивалот, која ќе прикаже вкупно 11 наслови од Полска, Израел, Латвија, Романија, Франција, Турција, Шпанија, Австрија, Србија, Хрватска, Северна Македонија, Украина, Чешка, од кои дел наградени и на најпрестижните фестивали низ светот. Членови на жирито кое ќе одлучува за наградите се: Кристијан Рут - аналитичар на сценарија и филмски консултант, Јуре Павловиќ - хрватски режисер и данската актерка Даница Чурчиќ. Пулскиот фестивал ќе се одржи од 16-ти до 24-ти јули.

Објавено:
30 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
165 пати