Средба со Раде Шербеџија вечерва во клуб-ресторан МКЦ

26 февруари 2020

По вчерашниот одличен концерт во организација на „Авалон продукција“, македонската публика ќе има уште една можност за блиска средба со легендарниот Раде Шербеџија.

Имено, вечерва во клуб-ресторанот МКЦ, со почеток од 19 часот ќе се одржи промоцијата на авторската книга на филмскиот, телевизиски и театарски глумец и боем во душата Раде Шербеџија, насловена како „Пред дождот“, а зад која стои Издавачкиот центар ТРИ.

Книгата излезе од печат во 2018 година, а деновиве го имаме Раде во Скопје да ни ги разгали душите со своето маестрално, топло, човечко и љубовно писмо. Главната тема што се провлекува како нишка низ испреплетените парчиња текст е чувството на вечен егзил, патување во кое не постојат други граници освен реалните. Тие често како тегобност создаваат немир за кој мора да се пишува.

За да се ослободи мислата, минатото, да се вкрстат патеките, да се заспие покрај морето или океанот. Да се одглуми најтешката улога – помирувањето со себеси, како странец во друга земја. Секогаш неодреден, секогаш надвор од метежот, а внатре во себеси – Раде не е обичен раскажувач, тој е интимен сопатник низ поглавјата што ги ткае во својата приказна. Опишувајќи ја славата, но и осаменоста низ призмата на релациите меѓу себе и семејството, но и со холивудската немилосрдност, тој во „По дождот" ни нуди токму таков амбиент. Сонце што огрева откако сите облаци ќе се расчистат.

Како култна икона на југословенскиот простор, овој заводлив и контроверзен актер и раскажувач ја создава својата книга на животот со леснотија опишувајќи ја најтивката и најгласна борба на вечното патување, на чувството дека животот се прелева низ границите за кои не постојат пасоши...

Промотор ќе биде нашиот истакнат писател и колумнист Венко Андоновски.

Објавено:
26 февруари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
402 пати