Стартуваше 51-то издание на Мајските оперски вечери

10 мај 2023

Национална опера и балет уште еднаш ги собра вљубениците на операта. Со палење на фестивалскиот оган, годинава од страна на маестро Томислав Шопов, вчера (9-ти мај), свечено беа отворени 51-те Мајски оперски вечери.

За атмосферата да биде уште поубава стартот беше дополнет и со звуците на Триумфалниот марш од Вердиевата Аида.

Меѓу присутните беа лица од музичката фела, новинари, љубители на уметноста...а особено радуваше големиот број на млади луѓе, обезбедувајќи му на фестивалот верна публика и за во иднина.

Фоајето беше речиси исполнето, а од она што можеше да се забележи во однос на стајлингот, доминираше црната боја како сигурен избор при настани од ваков тип.

Директорот на НОБ, Васко Ристов ги поздрави присутните, а министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, го отвори фестивалот.

Годинава Мајските оперски вечери се во знакот на одбележувањето на 210-годишнината од раѓањето на Џузепе Верди, а операта Набуко во НОБ ја постави екипа од Италија.

Зад режисерката палка застана Ренато Бонајуто и Тереза Гаргано како асистентка, сценографијата беше дело на Флавио Арбети, а во улога на костимограф се најде Артемио Кабаси. Диригираше Даниеле Аџиман од Италија.

Како солисти, со маестрална изведба, настапија Марјан Јованоски, Злата Тошевска, Игор Дурловски, Ирена Кавкалевска и други, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет, женскиот балетски ансамбл и ученици од балетскиот оддел при ДМБУЦ Илија Николовски – Луј.

Следни на репертоарот на МОБ се: балетот „Лебедово езеро" од Чајковски, операта „Кармен" од Жорж Бизе, „Травијата" од Верди и „Реквием", каде што ќе свири оркестарот на Филхармонијата, а ќе настапи и хорот од МОБ.

Текстот продолжува со модна фотогалерија од отворањето...

Објавено:
10 мај 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
218 пати