ТАКСИРАТ го носи МАНУ ЧАО на 26 септември во Скопје

14 септември 2022

Во склоп на програмата на ТАКСИРАТ фестивал, МАНУ ЧАО пристигнува во Скопје со акустичен концерт кој ќе се одржи на 26 септември со почеток во 20:00 часот во Младинскиот Културен Центар!

Француско-шпанскиот уметник Ману Чао е култно име на бунтовната музика и еден од најважните гласови на музиката на светот, а привилегија на публиката на Таксират е што во својата мапа на секогаш внимателно избрани места за свирење големиот Ману Чао упорно инсистира на Скопје! Имено, неговиот прв настап во Македонија се одржа во 2002 година и остана запаметен како еден од најдобрите што ги има видено македонската публика. Од тој посебен момент Ману Чао важи за другар на Таксират, на Скопје и Македонија, а секое негово навраќање кај нас носи обострана неизмерна радост, како што впрочем и самиот напиша во најавата за овој концерт.

Во својата музика тој спојува различни култури и влијанија, панк, рок, ска, реге, салса и традиционални песни во кои го пренесува пркосот кон предизвиците на денешниот свет; од имиграција до консумеризам и глобализација. Од основањето на славната група „Мано Негра" во 1987 година до денес, Ману Чао е уметникот кој ги наполни дури и најголемите стадиони ширум светот, продаде милиони албуми и сними безброј хитови кои се искачија на врвот на топ листите, особено во земјите од Европа и Латинска Америка, како што се „Clandestino", „Bongo Bong", „Me Gustas Tu", „Mala Vida" и многу други. Тој е револуционерно продорен и подеднакво мирољубив музичар, пејач, гитарист, текстописец, полиглот, патник и активист кој го започна латинското алтернативно движење во 80-тите и ги надмина музичките стилови и географските граници во неговата музика. Без разлика дали тој настапува со „Мано Негра", „Радио Бемба" или „Ла Вентура", атмосферата и енергијата на неговите концерти се практично неспоредливи.

Овој пат, Ману Чао пред својата публика се враќа во акустична постава. Заедно со гитаристот Лусијано Едуардо Фалико и долгогодишниот музички партнер, перкусионистот Филип Тебул (познат како Гарбансито, член на Mano Negra и Radio Bemba), Ману сега патува со најинтимните концерти во својата кариера, без ѕвездени статуси, без толпа од стотици илјади и по правило во мали концертни простори кои веднаш се распродаваат.

Имено, веќе се распродадени и сите претходно најавени концерти на Ману Чао во регионов, а меѓу нив рекорден е белградскиот настап за кој билетите се распродадоа за помалку од 24 часа.

За концертот на Ману Чао во Скопје, билетите се веќе пуштени во продажба и тоа со нивната најповолна цена, 700 денари која ќе важи само за првите 200 билети достапни за купување во продажната мрежа на МкТикетс низ Македонија.

Концертот на Ману Чао во Скопје е во организација на „Пасворд Продакшн" и се одржува во склоп на програмата на фестивалот ТАКСИРАТ. Покрај овој концерт, дел од годинашното, 24-то издание на „Таксират" беа и двата распродадени концерти на светскиот музички феномен „Дед Кен Денс" кој во мај годинава за прв пат настапи кај нас, а наскоро ќе бидат објавени уште многу нови изведувачи и настани во рамките на ТАКСИРАТ Фестивал.

Објавено:
14 септември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
56 пати