Врските помеѓу сестрите и братот понекогаш знаат да бидат навистина силни и да формираат цврста поврзаност која нема да биде стимул за среќа само во приватниот живот, туку и синоним за успех на професионално поле.
Таков е случајот со сестрите Лабина, Теона и Вук Митевски, чија продукциска куќа изминативе денови информираше за неколку убави вести поврзани со нивната работа.
Македонскиот анимиран филм „Алерик“ на Вук Митевски успешно го продолжува својот фестивалски живот и по серијата награди „Алерик“ се закити со уште една меѓународна награда. На штотуку завршениот филмски фестивал во Италија „L’Aquila Film Fest L’Aquila Film Festival 2014“, анимираниот филм на Вук Митевски „Алерик“ ја освои наградата за најдобар анимиран филм и во иднина продолжува со свои фестивалски учества.
Во однос на снимањето филмови, во чија режисерска специфика најмногу се пронаоѓа Теона С. Митевска, продукцијата „Сестри и Брат Митевски“ на последната сесија на Еуроимаж која се одвиваше во Торино, Италија од 9 – ти до 12 – ти декември, доби поддршка за реализација на два филмски проекти.
Во селекцијата од 15 филмови што Еуроимаж овој пат ги поддржа се најдоа и новиот филм на Теона Стругар Митевска „Кога денот немаше име“. Грантот што го доби овој филм од престижниот европски фонд е 180.000 евра. Во вториот филм продуцентската куќа „Сестри и Брат Митевски“, се појавува во улога на ко – продуцент. Станува збор за новиот филм насловен „Сиера Невада“ на еден од највлијателните автори на европската кинематографија, Канскиот лауреат, Романецот Кристи Пиу.
Всушност режисерката Теона С. Митевска снимањето на својот нов филм го најави на годинешното 35 – то јубилејно издание на филмскиот фестивал Браќа Манаки. Филмот „Кога денот немаше име“ е македонско, белгиска, словенска копродукција и во моментов трае кастингот за избор на актери. Снимањето се планира да започне напролет, додека снимањето филмот „Сиера Невада“ е најавено на 15 – ти јануари.