Утре почнува Таксират со повеќе од 10 концертни вечери

29 ноември 2017

Утре, на 30-ти ноември во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со отворањето на тридневната музичка конференција и шоукејс фестивал ПИН, почнува 19-тото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ. Годинашната програма, која ја претставува и соработката на ТАКСИРАТ со ДЕСОНАНЦ фестивалот, ќе се одвива сѐ до 9-ти декември, со повеќе од 10 фестивалски настани и со настапи на повеќе од 60 значајни музички артисти од Европа, целиот регион и македонската сцена!

Првиот настан од „културната недела" на ТАКСИРАТ и ДЕСОНАНЦ е меѓународната ПИН музичка конференција и шоукејс фестивал сo импресивна програма која Скопје, од 30-ти ноември до 2-ри декември, го претвора во збирно место на креативната енергија и музичкиот пркос на артистите и музичките професионалци од европската сцена!

Повеќе од 100 делегати гостуваат овие денови во Скопје на панел дискусиите посветени на различни актуелни теми кои ја засегаат македонската музичка сцена и претставуваат бројни успешни примери од различни земји. Посветувајќи се на независната сцена, на музичките трендови, фестивалите, промоцијата на музичките артисти, институционалните стратегии за поддршка на музичката уметност, авторските права и други теми, на ПИН ќе чуеме бројни експерти меѓу кои се и главните ликови зад реномираните музички настани и асоцијации како BOILER ROOM од Берлин, GLASTONBURY од Велика Британија, холандскиот AMSTERDAM DANCE EVENT, WOODSTOCK фестивалот од Полска, POHODA од Словачка, EXIT, DRUGSTORE и 9EVET од Србија, REWORKS од Грција, IMPALA од Белгија, OUTLOOK и DIMENSIONS од Хрватска, официјалните музички фацилитатори од Норвешка, Австрија и Унгарија, и уште многу други од Европа и подеднакво голем број претставници од македонската сцена. Присуството на ПИН конференцијата е бесплатно за сите посетители, само со претходна регистрација на овој линк.

Во музичката програма на ПИН пак, нѐ очекуваат повеќе од 30 настапи на музички артисти, кои ќе се одржуваат во МКЦ во Скопје и тоа со бесплатен влез за посетителите. Во овој дел од програмата се запишуваат австралиско-американскиот арт-рок бенд LIARS, хероите на истанбулскиот психоделичен рок BABA ZULA, македонските сајберпанк пионери КИБОРГ, една од најавтентичните и неконвенционални македонски музички групи ФОЛТИН, еден од најдобрите хардкор панк бендови од Балканот ДЕБЕЛИ ПРЕЦЈЕДНИК од Хрватска, извонредниот хармоникаш од Швајцарија МАРИО БАТКОВИЌ кој на меѓународната музичка сцена поставува нови стандарди, македонскиот концептуален бенд кој музички може да се опише како пастиш на секој можен жанр – ПОГАН ПАГАН, едни од највлијателните претставници на македонската транс музика EGORYTHMIA , DJANTRIX и SPIRIT ARCHITECT, акустичната етно група со минималистички музички концепт БАКЛАВА, рок групата КУЛТУРНО УМЕТНИЧКИ РАБОТНИЦИ која на ПИН ќе го промовира својот нов албум, IT'S EVERYONE ELSE од Словенија, STRAY DOGG, NAKED и VIZELJ од Србија, AT PAVILLON од Австрија, од домашната сцена уште и КОНТАКТ 59, SWEET RAPSCALLIONS, KEPURDHAT и други. Во петок скопската публика ќе ја има можноста да ги чуе и резидентите на Drugstore Beograd - хардверскиот волшебник A//O и еклектичниот селектор на танцови ритми SAUD.

На исчекор кон 20-ката на ТАКСИРАТ, големото финале со кое ќе биде означен и почетокот на прославата во чест на „20 години алтернатива во Македонија", нѐ очекува со концертот на пионерите на електронската музика, германскиот легендарен колектив KRAFTWERK чиј концерт со импозантното 3-D аудио-визуелно шоу ќе се одржи на 27-ми февруари, во Вип Арена „Борис Трајковски" во Скопје.

 

Објавено:
29 ноември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
343 пати
Тагови: 
Таксират