Влатко Стефановски: Наградите кажуваат за тој што ги дава, а не за тој што ги прима!

17 март 2015

Оваа сабота, во Домот на АРМ ќе се случи долгоочекуваниот концерт на двајцата извонредни музичари Влатко Стефановски и Васко Атанасовски заедно со камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија.

На денешната прес конференција тие најавија несекојдневно музичко доживување на првиот ден од пролетта, кое поради огромниот интерес ќе се случи од 19 и од 21 часот истата вечер.

„Во сабота ќе се обидеме да понудиме една друга димензија од нашето постоење и делување. Ќе се обидеме да ве однесеме некаде каде што барем за момент ќе можете да ги оставите секојдневните проблеми и грижи и заедно да патуваме во најдобрата Македонија. Најдобрата Македонија за мене е македонската музика и она што нашите предци го оставиле како наследство, како традиција и аманет што мора да се чува и нешто што не смее да се заборави“, изјави Влатко Стефановски на денешната прес конференција.

Саксофонистот и флејтистот Васко Атанасовски е еден од најпознатите креативни и разновидни словенечки композитори и музичари. Тој е познат по својата крос – жанр соработка со светски познати џез, рок, класични и традиционални музичари и по својот маестрален пристап до голем број на музички стилови.

Камерниот гудачки оркестар на Словенечката филхармонија пак, две децении наназад поттикнува создавање на најразлични нови видови музички дела и објавува носачи на звук. Истиот е составен од 14 члена кои свират без диригент, а досега имаат одржано повеќе од 400 концерти во Словенија и ширум светот.

На денешната прес конференција сите присутни имаа можност да уживаат во мини настапот што Стефановски го приреди како изненадување.

„Ако не ми беше тешко да станам во осум часот наутро и да отидам да отсвирам нешто на утринска програма во Хрватска, мислам дека е убаво и денеска тука да ви отсвирам нешто за целиов муабет да не биде на „суво“, беа зборовите со кои Влатко го најави неговиот мини настап денеска.

Пред да почне несекојдневното интимно уживање со музиката на Стефановски, на прашањето како се чувствува тој и групата „Леб и сол“ поради тоа што досега немаат добиено награда за заслуги од државата, тој вели:

„Наградите кажуваат за тој што ги дава, а не за тој што ги прима, така што човек не смее да бара признанија, тоа е патетично и нескромно. Ако нешто дојде како награда е добредојдено, ако не дојде, можеби ќе отиде кај некој друг или можеби ќе дојде некој друг ден. Јас не можам и не сакам да барам било што. Се обидувам што повеќе да направам, а дали некој ќе го препознае тоа и како ќе го вреднува, тоа е негов проблем“, беа зборовите со кои светскиот виртуоз го заврши денешното дружење.

Објавено:
17 март 2015
Категорија: 
Култура