Во пресрет на утрешниот настан: Творците на кореографските постановски на велигденскиот концерт на „Танец“

18 април 2022
Ората и песните отсекогаш имале значајно место во животот на македонскиот човек, па оттука претставуваат значаен дел на македонската култура. Музичкиот фолклор бил верен придружник на сите главни моменти од животот на луѓето, од раѓање до смрт, за чествување и празнување, како дел од обредите, но и како дел од семејните и сенародните веселби. Во овој период од седумдесет и три години, народните игри и песни во Македонија оформија свој единствен, препознатлив музичко-сценски жанр.
 
 
Професионалниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е клучот на таа еволуција, кој и денеска продолжува да го стандардизира сценскиот фолклор пред македонската и меѓународната публика.
„Танец“ ја фузионира и амалгамира богатата македонска фолклорна традиција, создавана во сите региони и на сите песнопојни и играорни подрачја. Тој е главната сила што стои зад еден врвен сценскиот репертоар, кој брои повеќе од деведесет кореографски постановки. „Танец“ значел многу во минатото, значи и за сегашноста, но уште повеќе ќе значи за иднината, кога изворниот фолклор целосно ќе исчезне од неговата природна средина и ќе остане да опстојува единствено во архивите и на сцените.
 
Ансамболот утревечер, ќе настапува во оригинални народни носии, некои од нив стари и по век и половина, од регионите кои се претставени во кореографиите ставени на програмата на овој концерт. Тоа значи дека публиката, не само што ќе има можност да ужива во разновидните македонски игри, песни и инструментални мелодии, туку ќе може да нурне во раскошното богатство од македонски везови и ткаенини со непрегледна лепеза од орнаменти, срми, тантели, филигрански копчиња и пафти, реденици од пари и мониста, разновидни облековни елементи како скутачи, кошули, елеци кои го скицираат македонскиот културен идиом и го котираат високо во светското културно наследство.
 
 
Но, она што е јадрото на концертната мисија на Танец се секако кореографските постановки. На велигденскиот концерт ќе бидат изведени неколку целосни кореографии, а некои ќе бидат претставени фрагментарно, онолку колку што дозволува времетраењето на еден стандарден концертен концепт. Она што е важно е дека публиката ќе може да проследи постановки од различни периоди од историјата на Танец и од различни творци, од антологиската „Драчевка“ на Атанас Коларовски од 1959-та година до спектакуларната „Малешевка“ од 2010-та година на Јовица Блажевски, најплодниот член на денешната генерација македонски кореографи. Покрај овие творби, публиката ќе може да види и кореографски постановки од Благоја Филиповски, Тодор Јованов и Стојче Каранфилов. Тука, не помалку важни се и авторите на музичките обработки, аранжмани и оркестрации на македонските народни мелодии, па ќе можат да се слушнат авторските пристапи кон фолклорната материја на доајените Трајко Прокопиев, Кочо Петровски, Ѓорѓи Димчевски, Ратко Гелевски, Тодор Јованов, но и на актуелните творци од последните генерации на продуктивата (а како членови на оркестарот и репродуктивата) на „Танец“, како Милан Завков, Стојанче Костовски, Сашко Митев, Влатко Терзиски и сегашниот раководител на оркестарот на Танец и автор на најновите музички обработки и оркестрации за ансамблот, Дарко Илиевски.
 
 
Недвосмислено, еден од симболите на „Танец“ е кореографијата „Драчевка“, со која ќе биде и свечено заокружен овогодишниот Велигденски концерт. Таа опфаќа карактеристични игри и песни од селото Драчево, кое и припаѓа на Скопската Блатија, а ја прикажува атосферата на веселбите кои се случувале на селските собори во ова место. Орото Драчевка на сцената прв го пренел Миле Коларов во 1952 година, а на репертоарот на Танец го поставил првиот директор на ансамблот, Емануел Мане Чучков. Во 1959 година е поставена кореографијата што денес е позната низ целиот свет, а тоа е „Драчевка“ на доајенот на Танец, членот на првата генерација играорци, Атанас Коларовски. Музичката обработка на ората содржани во оваа музичко-сценска творба, ората Потрчано, Баба Ѓурѓа, Петорка, Тешка крстачка, Драчевка, Чучук и Црногорка, како и песните „Ор, Стојане“ и „Сношти е Јанка“ ги направиле Трајко Прокопиев и Кочо Петровски. Она што гледачите ќе можат да го слушнат на велигденскиот концерт е последната оркестрација на „Драчевка“, специјално пишувана за големиот оркестар на Танец, која ја создаде Дарко Илиевски. Инаку, оваа изведба на кореографијата „Драчевка“, НУ Танец ќе ја изведе во сеќавање на Атанас Коларовски, кој оваа година замина во вечноста.
 
 
Според датумот на создавање, хронолошки после „Дарчевка“ на репертоарот на „Танец“ е поставена кореографијата „Солунка“ (1973). На велигденскиот концерт ќе биде изведен фрагмент од оваа постановка на Благоја Филиповски, за која музичка обработка ја направил Ратко Гелевски, а вокалниот аранжман на песната „Мори ода о шарена“ е на Ѓорѓи Димчевски. Ова кореографско дело кое Танец го игра во автентични носии од костурскиот регион, вклучува традиционални машки и женски ора од јужната македонска етнографска целост, како „Бајраче“, „Машкото“, „Кривото“, „Кршамли“ и „Шапкарево“.
Во 90-тите години на репертоарот на „Танец“ е поставена атрактивната кореографија „Сретсело“ (1992), чиј целосен автор и на постановката и на музичката обработка е Тодор Јованов. Овој даровит творец направил стилски мешана постановка користејќи соборски игри и песни од различни места од Повардарието, претставувајќи го секојдневниот селски живот, но и случувањата во центарот на социјалниот живот на младите, таканареченото „сретсело“. Оваа кореографија вклучува повеќе песни како: „Ова село“, „Ситен камен до камена“, Сношти те пратив на вода, ќерко“, и „Што собор ми се собрало“.
 
 
 
Следните четири постановки датираат од новиот век, односно се создавани од 2001-та година па наваму. „Копачија“ (2001) е кореографска постановка Стојче Каранфилов, за која музичката обработка ја направил Милан Завков, долгогодишниот шеф на оркестарот на „Танец“ и плоден автор на многу композиции и аранжмани за репертоарот на ансамблот. Кореографија е мешана музичко-сценса творба која вклучува игри и песни од кичевскиот крај, ората „Свекрвино“, „Малесора“, „Четворка“, „Крстачко оро“, како и песната „Ангелино моме“.
 
Веќе следната година, авторот на „Сретсело“, Тодор Јованов ги поставува на сцената „Поречки игри“ (2002), за кои заедно со знаменитиот кавалжија на „Танец“, Стојанче Костовски ја прават музичката обработка. Тоа е стилизирана женска игра инспирирана од велигденската традиција на поречкиот регион. Вториот ден од овој голем христијански празник во Поречието бил исполнет со игри и песни кои ги изведувале жените, а Јованов во кореографијата вклучил елементи од игрите „Кален број, мален број“ и „Вили, самовили“.
 
 
Последните две кореографии се творби на најплодниот и веројатно најуспешниот македонски фолклорен кореограф (според сигнификантната застапеност на неговите дела во репертоарите на КУД-овите во земјава), претставник на последната генерација кореографи на „Танец“, Јовица Блажевски, кој зад себе ја има и атрактивната кореографија „Радовишки собор“, создадена специјално за 70-годишниот јубилеј на ансамблот во 2019 година. Во оваа прилика, на Велигденскиот концерт ќе биде изведено долнополошкото Ајдучко оро, дел од кореографијата „Посеље“ од 2008 година, за која музичката обработка ја напиша неговиот колега од оркестарот, мултиинструменталист и музички автор Сашко Митев, а ќе биде изведена и нивната особено популарната кореографија „Малешевка“ (2010), за која во авторскиот тим на музичката обработка се приклучува и познатиот долгогодишен кларинетист на „Танец“, Влатко Терзиски, кој и самиот зад себе има завиден творечки и изведувачки опус.
 
 
 
„Малешевка“ е шеговита и темпераментна кореографија, која заради ваквиот ведар карактер е омилена кај публиката, а како што алудира и самиот наслов, е инспирирана од малешевскиот крај. Таа ги вклучува во својата колажна структура ората „Беровка“, „Испајче“, „Пантево“ и „Малешевка“, како и песната „Јано, тенка Малешевко“.
 
Објавено:
18 април 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
255 пати