Заврши ТАКСИРАТ: Нов рекорд на најголемиот музички фестивал кај нас

10 декември 2022

На 7-ми декември триумфално заокружувајќи ја програмата на маратонското издание, заврши овогодинешниот, исклучително успешен ТАКСИРАТ - најголемиот музички фестивал во државава! До раните утрински часови, во Арената „Борис Трајковски" во Скопје  се одржуваше главната вечер на Фестивалот и тоа со осумчасовна програма и настапи на 12 музички ѕвезди пред повеќе од 7000 посетители од Македонија и сите соседни земји. Заедно со дополнителната офф-програма, ова, дваесет и четврто издание на ТАКСИРАТ го надмина сопствениот рекорд на посетеност и според првите проценки, кумулативно повеќе од 27.000 посетители уживаа во најдолговечниот и најголем македонски зимски музички настан.

Предизвикот да ја отворат главната фестивалска вечер и први да ја загреат атмосферата на главната бина годинава припадна на едно од најзначајните имиња на македонскиот хип-хоп - ЗАД АГОЛОТ, а со нивниот сосема очекуван феноменален настап името на овој колектив синоќа дефинитивно се запиша во листата на најдобрите настапи на Таксират и го докажа несомнениот квалитет на домашната сцена!

Со енергичен настап и за прв пат во Македонија, својата висока репутација ја потврдија и ветераните на светската треш-метал сцена, гигантите СОДОМ кои прославувајќи 40 години кариера ја поведоа публиката на сонично патување низ својата богата кариера и со препознатливите жестоки рифови ја воодушевија армијата фанови на моќниот звук.

Следен беше атрактивниот настап на еуфоричниот каталонски ска-румба бенд ЛА ПЕГАТИНА кој дополнително го подигна расположението приредувајќи вистинска фешта на главната бина која пак од моментот кога стапнаа на сцена па до последниот такт од нивната изведба како танцов циркус се прелеа и на подиумот.

Публиката во Македонија вчера имаше прилика за прв пат да се запознае во живо и со британската трап-џез сензација АЈ-ЕМ-ДИДИ-БИ, а исполнетиот подиум на главната бина беше воодушевен од нејзината харизма, талент и комбинација на различни жанрови во настап кој ја потврди високата репутација на моментно една од најавтентичните музичарки не само на британската туку и светската сцена.

Во меѓувреме, исклучително весело и разиграно расположени беа посетителите и на втората бина „Трапсират" каде што паралелно се одржуваа настапите на артистите од трап сцената кои ја импресионираа преполната Мала сала во Арената. За најефоричен подиум и добрите денс движења на сите присутни тука се погрижија секогаш добро расположените: Јанг Дади, Баша, Хиљсон Мандела, Принцес Донатсу и Донплеја.

Арената беше веќе целосно исполнета во моментот кога на сцената застана најпопуларното инди-поп дуо во регионот – БУЧ КЕСИДИ! Од самиот почеток па сѐ до крајот на нивната фантастична изведба, Зоран и Лука со вистинска диско сценографија, ја маѓепсаа разиграната публика која едногласно ги пееше сите нивни најголеми хитови. Далеку од тивки, таксиратскиот подиум ечеше низ стиховите на „Tiho", „Nema ljubavi u klubu", „Euforija", „Dzuskanje ne pomaze".

Врвот на вечерта беше веднаш потоа, фестивалот синоќа вриеше благодарение на атмосферата која завладеа под знамето на најголемиот симбол на берлинскиот техно-храм „Бергхаин", врвниот продуцент и диџеј БЕН КЛОК! Тој го трансформира „Таксират" во сосема друг универзум кој публиката без двоумење го прифати и целосно се препушти на ритамот кој повеќе од два часа го диктираше неговиот маестрален сет.

Завесата на осумчасовната журка на „Таксират" ја спушти најпрепознатливиот претставник на македонската клупска сцена НИНО ФЛУДЕР, кој со идеален сет за крај на вечерта и со гласни овации на бројната публика ја продолжи вжештената атмосфера на подиумот до апсолутното заокружување на маратонскиот ТАКСИРАТ 2022.

„Пасворд Продакшн" како организатор на фестивалот ТАКСИРАТ, со ова воедно го затвори овогодишниот календар на настани и тоа докажувајќи дека дури и во зимските месеци Скопје може да стане препознатлив како дестинација за добра фестивалска забава. Веќе е сигурно дека прагот на остварувања на овој музички фестивал е највисоко поставен, но и дека следната година несомнено ќе биде уште подобра бидејќи ТАКСИРАТ ќе го прославува јубилејното 25-то издание! Се гледаме на ТАКСИРАТ #25!

Објавено:
10 декември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
368 пати
Тагови: 
Таксират