Златна Бубамара: Да се собереме, пред да не соберат!

25 јануари 2016

„Да се собереме, пред да не соберат" е мотото на 19-тата по ред Златна Бубамара, која е закажана за третата половина на февруари во Метрополис арената.

„Тик –так , Тик – так , ја најавуваме најпопуларната и најпосакувана манифестација создадена во нашата: лепена, сечена и демонтирана демократска држава - "Златна бубамара на популарноста" во специјалното 19. издание под мотото:

Да се собереме, пред да не соберат! во Metro POLICE – Арена.

Во третата недела од февруари, традиционално, по 19 пат ќе се одржи спектакуларното доделување на наградите на најпопуларните уметници од Македонија и Екс Југословенските простори . Наградите ќе бидат доделени по список и редослед кој е прочистен и потврден од музичко забавната комисија на Радио Бубамара, со дозвола за увид два дена по денот на настанот, во рамки на одложената ТВ снимка со среќни ПИМ мерки.

Добрата забава и хумор се потреба во секое нормално хумано општество и тоа барем еден ден во годината, а додека го чекаме тој убав ден во февруари, ви препорачуваме да продолжите да ќутите по дома и да дишете загаден воздух надевајќи се дека повторно ќе ве огрее „Ново сонце на слободата".
Режисерот и организаторот на оваа култна манифестација Ранко Петровиќ како и секогаш сценариото го крие во тајност и најавува дека овој голем празничен медиумски настан, повторно ќе биде во знакот на високо интелигентна сатира, пристоен хумор, добра музика и аплаузи за најголемите македонски и балкански уметници.

Датумот се уште не е прецизиран , првиот можен весел датум за одржување е 18. февруари оваа година.

Ако сакате да се насмеете и кога не ви е до смеење, бидете со нас и во ова специјално издание", ве канат организаторите.

Објавено:
25 јануари 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
5.535 пати