Алтернативна адаптација на „Вагинални монолизи“ во Станица 26

23 јануари 2014

Во урбаниот простор на новоотворениот клуб Станица 26 завчера вечер беше прикажана пиесата „Вагинални Монолози“ од Ив Енслер, со адаптација и режија на текстот од Нела Витошевиќ. Приказните за вагиналните искуства на жените од различни социјални слоеви ги раскажаа неприкосновените театарски диви Весна Петрушевска, Тања Кочовска и Ирена Ристиќ кои без влакна на јазикот на трагикомичен начин отворија важни прашања во врска со жената, нејзините права и дискриминација во различен поглед. Перформансот го најави водителот Петар Ѓошев кој  како и публиката, беше воодушевен како  поради повторната изведба на овој текст, со оваа постава на актери и во еден ваков амбиент.

„Одличен тајминг на театарски моменти кои прво те тераат да вриштиш од хистерија и да се смееш до моменти кога те потресуваат и те прават да се чувствуваш вознемирено преку призмата на  политичката моќ и социјална ангажираност на силуваните жени, околу не разбирањето на жените, околу предрасудите во врска со мастурбирањето кои што се уште живеат во одредени делови од светот“, рече Ѓошев.

Режисерката Витошевиќ вели дека првичната идеја дошла од самите актерки, а таа на драга волја се сложила да работи на еден ваков проект. За неа адаптацијата на претставата која е работена исклучиво врз основа на документаристичката пиеса на познатата американска активистка Ив Енслер е голем предизвик.

„Мислам дека ние важиме за една позатворена средина, бидејќи и после десет години оваа тема е актуелна и многу провокативна за мене за работа. Создадовме дело на кое сум многу горда и задоволна“, вели Нела.

На еден лукав начин Витошевиќ успева да го вметне трендот на современиот театар  кој се базира врз една драматургија на толкување повеќе различни улоги во една претстава. Тоа всушност е идејата и тенденцијата на европскиот театар, да се покаже умешноста на актерот и неговата трансформација во неколку различни ликови. Покрај генијалната актерска игра, нова димензија на овој театарски предизвик му дадоа урбаниот простор на Станица 26, интимното светло кое дополнително создаде близина со публиката, како и костимографијата која преку визуелниот пристап ги окарактеризира ликовите, а ги изработи модната куќа Елена Лука.

Костимографијата ја изработи Елена Лука

 

„На  моја огромна чест и задоволство, Елена Лука ја доби довербата да ги  изработи костимите за претставата. Водејќи се од повеќе аспекти како што се сценографијата, светлото и другите важни моменти, се согласивме со режисерката да создадеме костими инспирирани од 40-те. Од тука и линиите во конструкцијата на костимите ги работевме на тој начин... Инспиративен е почетокот на претставата која се отвора со музика од 40-те исто така, преку прекрасните вокали на актерките. Идејата ми беше во консултација со режисерката, да одиме со чисти костими во конструкција карактеристични за тоа време, а да користиме фини луксузни материјали како што е се памучниот сатен, кадифето и свиленото жерсе. Секако дека посебна мотивација за Елена Лука во изработката на костимите се силните актерки кои ја отелотворуваат приказната: Весна Петрушевска, Тања Кочовска и Ирена Ристиќ  кои маестрално ја играат претставата. Овие прекрасни дами, докажани во својот актерски ангажман, им дадоа посебен карактер на костимите. Нормално, сите бевме водени од младата креативна режисерка Нела Витошевиќ, преку нејзината верзија за култната претстава“,  објаснува Елена Лука.

„Целиот третман од страна на Елена Лука, материјалите кои се искористија за изработка на костимите и стилизираноста на целата атмосфера ме изненадија пријатно. Презадоволна сум бидејќи ваква професионалност досега немам видено“, го сподели своето искуство режисерката.

Актерките едногласно потврдија дека повторното адаптирање на улогата не било лесно. Весна Петрушевска вели дека оваа верзија на „Вагинални монолози“ е многу помодерна со многу поточна форма. Изборот на костимографија за оваа претстава е целосно нејзина идеја. Таа е главниот виновник кој ја посочи модната куќа Елена Лука за соработник во оваа претстава.

„Мислам дека секој дизајнер кој што дејствува во Македонија треба да добие шанса да работи на театарски проект и мислам дека во наредните мои два театарски проекти дизајнер на костим ќе биде Елена Лука, затоа што сметам дека е исклучително професионална, многу топол човек без его и суета што мене многу ми значи, а згора на тоа ги сака актерите и тоа  е првото нешто што ме импресионира“, изјави Петрушевска за fashionel.

Според Тања Кочовска ништо не е тешко кога е добро, но и неа многу повеќе и се допаѓа новата адаптација на претставата. Тања покрај аплаузот доби уште еден подарок, торта со свеќи за својот роденден.

APS_8460

Просторот беше буквално обоен од позитивна енергија креативни вибрации и многу луѓе кои дојдоа да го задоволат својот љубопитен театарски апетит. Низ толпата забележавме голем број на јавни личности кои не ги штедеа воздишките и задоволството од она што имаа можност да го видат.

Тамара Тодевска која е дел од тимот на Станица 26 вели дека е пресреќна што Скопје конечно добива нов урбан момент во ноќниот живот.

„Пројдовме одлично, ова ќе трае, ќе се случува секој втор вторник во месецот, ќе имаме претстави од различен тип и ќе се обидеме да направиме една мала театарска традиција, а ќе следуваат и голем број интересни мултимедијални случувања, кои градот ќе го обојат со една свежа и неверојатна уметничка енергија.

 

Критички осврт на Илија Илов

Која приказна да ја земеме за настанокот на светот, а жената да не е обрежена во истата?! Таа е личноста која треба да ја преживее симболичката смрт, пред вистинската. Таа со нејзините замастени бедра и нашите ренгенски пасивни погледи. Во оваа пиеса тежиштето на светот, во визурата на жената е поместено во клиторисот како нов папок и средиште, но и како култ. Овде не збориме за табуизирани нешта, зошто доколку тие би биле табуизирани, тогаш тоа се сакрални и треба како такви да се недопрени од опкружувањето. Но, сепак тие  пред сѐ,  се суштествени материјални нешта наменети за експлоатација, а разработката и тежиштето е претставено синегдотско, односно потенцирање на првичниот животински нагон кој треба да го отслика општетственото премрежје во светот. Во еден момент пиесата е феминистички мотивирана, но сепак таа слика е дел од субјективните слики за светот. Можеби синоќешната изведба, просторно и амбиентално, беше враќање на она за што се бореше постмодернизмот во 1968 година и со иста мера тој придонесе, да го сплоти јазот помеѓу сталежите, за да може создадената или настанатата психоза да се откорни од корен. За да создадете револуција потребни се револуционери.

 

 

 

Објавено:
23 јануари 2014
Категорија: 
Актуел