Di Biaggio NY ќе се произведува во Македонија

27 ноември 2015

Брендираната спортска облека со македонски потпис, Di Biaggio NY, наскоро ќе започне да се произведува во Македонија.

Сопственичката Марија Митевска Дибиаџио, која и самата е активен спортист, и е во постојана релација Њујорк-Македонија, најави дека производството кое моментално е стационирано во Србија ќе се префрли во нашата земја, со што паралелно ќе се внесат новитети и во однос на материјалите и во однос на дизајните на спортската облека.

„Di Biaggio NY веќе има свое производство на Балканот, односно во Србија, но сакаме да го префрлиме производството овде во Македонија. Веќе сме во последни подготовки на погонот за шиење кој ќе биде стациониран во Крива Паланка. Почнуваме со мал капацитет со оглед на фактот што за првпат ќе вметнеме некои нови материјали и спортски дизајни на кои луѓето кај нас полека треба да се навикнат, но и да се едуцираат конкретно каков производ барам да излезе. Пласманот го планираме за американскиот пазар, но секако и за македонскиот со што јас лично сакам да видам млади луѓе што ќе може да си дозволат квалитетна спортска облека, а да не плаќаат астрономски суми за тоа", вели Марија.

Една од основните идеи на Di Biaggio е секој професионален спортист да има можност да си обезбеди спортска облека каква што заслужува, што е и еден од значајните фактори за подобар перформанс независно за каква спортска дисциплина се работи.

„Спортската облека е составен дел од еден врвен спортист или почетник кој треба да се гради како личност која ќе внимава што носи, пред се за подобар перформанс. Знам со какви тешкотии се соочуваат македонските спортисти и сакам да ја вратам вистинската во однос на онаа испревртена вредност кај многу компании кои не го вреднуваат спортистот, како поттик за други вредности и професионални успеси. Моја лична желба е да излезе Di Biaggio NY – Made in Macedonia, како производ, а јас како личност и сопственичка на таква компанија да застанам позади многу идни генерации на успешни спортисти од Македонија", додава сопственичката на брендот.

Инаку, за годинава што изминува, Марија е селектирана во листата на најуспешни Македонци под 40 години, во дијаспората, благодарение на нејзините ангажмани за промоција на македонските спортисти, но и спортскиот и здрав начин на живот воопшто.

 

Објавено:
27 ноември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
774 пати