Џон Галијано дефинитивно нема да се придружи на тимот на Оскар де ла Рента

11 април 2014

На гласините дека Џон Галијано ќе му се придружи на тимот на Оскар де ла Рента конечно им се стави крај. Педесет и три годишниот дизајнер помина три недели во студиото на Оскар де ла Рента во Њујорк во февруари минатата година што всушност беше и првата негова работа по заминувањето од Диор.

Неговата одлично завршена работа за колекцијата есен/зима 2013 на брендот го поттикна и самиот де ла Рента да каже:

„Многу бевме среќни што го имавме Џон кај нас барем на кратко време. Би сакале да најдеме начин тој да биде со нас што е можно почесто“, изјави тогаш де ла Рента.

Веднаш по оваа негова изјава, почнаа и гласините дека тој би можел да го назначи Галијано за нов креативен директор на компанијата, но очигледно последните информации го кажуваат спротивното.

„Тоа дефинитивно нема да се случи. Оскар де ла Рента сѐ уште е во потрага по креативен директор на неговиот бренд“, изјавил близок извор на Рента за медиумите, додавајќи дека тој многу наскоро планира да се повлече.

„Парите беа голем проблем зошто не се случи тој договор. Џон и Оскар и понатаму се многу добри пријатели. Џон е многу благодарен што Оскар му даде втора шанса“, додава изворот.

Во меѓувреме, Галијано работи на неколку модни проекти, а во моментов тој е и ментор на група студенти од британскиот колеџ за уметност и дизајн London Central Saint Martins.

Објавено:
11 април 2014
Категорија: 
Актуел