Енергичен женски протест на булеварот Шанел бр. 5 во Париз!

30 септември 2014

Пред околу еден час заврши одличното шоу на неповторливиот Карл Лагерфелд кој овој пат ги собра светските модели на женски „протест“ на неговиот Шанел бр. 5 булевар поставен во рамки на музејот „Гран Пале“ на легендарната улица Шанзелизе.

Лагерфелд новата колекција ја претстави на уште еден, неповторливо уникатен начин на специјално поставен булевар што го носеше името на брендот, на кој прошетаа неговите музи од Кара Делевињ па сѐ до Жизел Бундшен.

Прекрасните девојки, облечени во парчињата од пролетната 2015 колекција на брендот, прошетаа низ беспрекорно поставениот булевар во музејот, со пароли на кои стоеја натписите како „Be your Own Stylist“, „History is Her Story“ и уште неколку други.

Како што се очекуваше, на чело на „протестот“ се најде неговата миленичка Кара Делевињ која постојано извикуваше „Што сакаме ние?“ на црно – белиот мегафон.

Во првите редови можевме да видиме и некои од неговите најголеми обожавателки како Алекса Чанг, Попи Делевињ, Крис Џенер, Наталија Водјанова и уште многу други кои со широка насмевка на лицето ја проследија презентацијата на новата колекција на секогаш уникатните Шанел.

Објавено:
30 септември 2014
Категорија: 
Актуел