И притоа не се работи за плус-сајз колекција. Или некоја друга за самодоверба и позитивно гледање на телото. Едноставно таа е заштитно лице за есенската кампања на H&M. Со овој ангажман Ешли продолжи да ги крши границите во модната индустрија.
Модните стручњаци велат дека таа поставува нова норма.
Конкретно последната колекција на уличниот бренд и кампања е инспирирана од романтиката и фолклорот, женственоста и женската моќ.
Во интервјуто за „Харперс Базар“, Греам зборуваше за тоа што значи оваа кампања за неа, како и за процесот на создавање на истата.
-Возбудливо е да се биде претставник на еден од најголемите интернационални модни синџири и брендови, што даваат повеќе на можности за избор на жени со облини, како и парчиња што имаат естетика на оние од висока мода – вели моделот.
Со оглед на тоа дека кога ја започна својата кариера беше исклучиво „плус-сајз“ модел и работеше за такви брендови, сега помага во промоцијата и популаризирањето на движењето брендовите да користат модели со различни големини за своите главни кампањи. На прашањето, како се чувствува знаејќи дека повторно прави модна револуција ќе каже:
-Неверојатно. Додека растев, јас немав модел со облини на кој можев да му се восхитувам и да мечтаам да бидам како него. Во големите реклами немаше такви модели. Затоа, се надевам дека младите жени што купуваат во H&M ќе ме видат во рекламата и ќе се потсетат дека нема една, стандардизирана дефиниција за убавина или совршена големина – посочува Ешли.
Неа досега ја гледавме најчесто во костими за капење и долна облека, па оваа реклама за облека е освежување и во тој поглед.
-Откако се појавив на насловната страна на Sports Illustrated Swim, па сѐ наваму, дел од луѓето ме препознаваат само полугола, во бикини или градник! А всушност, јас сакам да позирам во облека и да им покажам на жените дека облеката и стилот можат да помогнат за самодоверба – смета Греам.
На прашањето пак, дали модната индустрија ја прифаќа повеќе отколку на почетокот кога почнала да се занимава со моделинг, Ешли вели:
-Со ова почнав да се занимавам со 16 години. Индустријата беше многу поразлична. Немаше социјални медиуми за да помогнат во лансирање на кариерите, а ниту „плус-сајз“ моделите не се сметаа за супермодели. Сега можеме да видиме жени со облини и на модните писти и на насловните страни на познати магазини, а еве и во големи рекламни кампањи, рамо до рамо со „стрејт сајз“ моделите. Денес има повеќе инклузивност кога е во прашање големината и мора да продолжиме да се бориме за што поголема разноликост во модната индустрија.
Нејзиниот фаворит за претстојната есен се џемпери од кашмир во комбинација со плетени здолништа и богат накит.