Концептуалното кафуле Концепт 37 беше локацијата каде вчеравечер младиот графички дизајнер, Гоце Велески ја промовираше третата линија на маичките со интересни кирилични слогани. Околу стотина надиплени маички во свежи летни бои како жолта, сина, и зелена боја, секако со впечатливи и интригантни наслови, беа новата идејна алтернатива на Гоце, кој вели дека од новата колекција очекува најбарана односно најпопуларна да биде онаа со фразата „Си грмам“.
- Од минатата колекција како доста барана беше „Знаеш дека ти се свиѓам“. Но, јас во создавањето на маичките секогаш се водам по тоа што лично би сакал да го носам. Кирилицата ми е основниот начин на изразување на маичките, додека инспирацијата ја црпам буквално од се, а најчесто од муабети со било кој човек што ги правам. Се случува да ми остане некоја фраза во главата и веднаш да почнам да работам на идејното решение, така што процесот на создавање обично се движи во таа насока. Девојчињата се тие што пројавуваат најмногу интерес, но и момците не се исклучок. Од најновата линија маички, барем засега најактуелна е онаа со фразата „Си грмиме“, изјави Велески.
Инаку, „Кирилицата што се носи“ беше насловот на првата колекција на Омајгад, која ги освои симпатиите на публиката, особено онаа помладата, а потоа актуелна беше и втората со тема „Омајгад за Скопје“.
Како што вели дека функционира со брзо темпо, Гоце уште сега ни ја најави следната дружба со „Омајгад“ на 13-ти септември кога ќе направи ретроспективен збир на маички по повод роденденот на неговата линија.