Како изгледаа посетителите за стартот на Скопскиот Џез Фестивал?

18 октомври 2013

Од синоќа па се до 21-ви октомври, град Скопје ќе добие поинаква слика и енергија преку џезирањето на врвни џез музичари од светот, во рамките на 32-то издание на врвната културна маниестација - Џез Фестивал. Во овие пет фестивалски дена сите љубители на овој музички жанр за момент ќе се опуштат и заборават на секојдневната рутина и обврски и ќе уживаат во врните инстрментални и вокални изведби на етаблирани светски музички имиња. Првата вечер во салонот на Македонската опера и балет беше резервирана за два концерти, првиот на саксофонистот Еван Паркер придружуван од словенечкиот перкусионист Златко Каучиќ, за подоцна на сцената да настапат британците „ Гет д блесинг“.

 

Со овие перформанси беше одбележана и 20 годишнината од македонско-британското пријателство, за веќе денес да ја слушаме музиката од Норвешка на Сидесел Ендерсен со гитаристот Стиан Вестерхус, како и квартетот на американскиот експериментатор Џон Аберкромби. Па така бидејќи оваа манифеставија е од официјален карактер и наложува поинаков изглед, присутните на првиот ден достојно дотерани пристигнаа да ги проследат концертите, а притоа позираа и пред објективот на Fashionel. Иако Македонија не е толку развиена земја со џез култура, фестивалот секоја година ги има константните консументи на џезот, но и нови посетители што допрва ја доживуваат и восприемаат оваа музика. Освен македонската публика, фестивалот може да се пофали и со многу гости од странство кои секоја година ги има во се поголем број. Токму некои од нив ги прашавме што мислат за фестивалот и дали нашата публика посветила доволно внимание околку изгледот. Една од испитаничките беше гостинка од Естонија која со својот впечатлив изглед ни го привлече вниманието.

-Прв пат доаѓам на скопскиот џез фестивал, и ја обожавам оваа музика. Што се однесува на мојот изглед, специјално се подготвив за настанот, еве пример мојата чанта е комплетно во тој дух. Модата и музиката се посебно поврзани и двете се уметност и затоа сметам дека на ваков настан треба да се почитува дрес код, пред се за важноста што ја имаат овие врвни музичари. А она што можам да го видам од изгледот на останатите тука, мислам дека овој настан воопшто не го потцениле, вели посетителката од Естонија.

Друга гостинка од Англија за поврзаноста на модата со џезот вели дека е тешко да се дефинира, но некако ја потсетува на класика и некое далечно време.

-Токму облеката од првата половина на 20-от век е инспирирана од џезот. Класичната облека ми паѓа прва па памет кога се подготвувам за присуство на џез концерт, па затоа и вечерва сум облечена во тој стил.

Кога веќе ја направивме конекција меѓу модата и џезот, за вас споделуваме и правила составени од светски модни стилисти и дизајнери за дрес кодот за мажи и жени кога се оди на џез концерт. Од програмата на скопскиот џез фестивал остануваат уште четири фестивалски дена, затоа ако планирате да посетите некој концерт, прочитајте го правилникот и полесно одберете ја соодветната комбинација, а погледнте ја и галеријата од изгледите на посетителите од вчеравечер.

Како да се облечете на џез концерт- за мажи

-Носете  темни бои. Спортско-класични  панталони во тесен крој се најдобриот избор. Прифатлива е и сива како и тегет нијанса.

-Ова е настан каде треба да изгледате гламурозно, но во исто време и комфорно. Доколку концертот е за седење, треба да изберете комфорна кошула која задолжително треба да биде во бела или некоја крем  нијанса. Во случајот концертите на џез фестивалот се како за седење така и од оние полноќните за стоење. Прв план треба  да ви биде удобноста, за да можете полесно да се чувствувате, а и да не се препотувате во затворената просторија.

-Освен класичното сако, како замена можете да облечете интересно стилизиран класичен машки мантил или капут,надополнето со вратоврска пеперутка или тенок шал. Наместо палто слободно можете да облечете и блејзер, но нека не биде спортски туку со рамни класични линии и задолжително во црна или сива боја.

-Елекот е исто така добар избор за врз кошулата, но сепак внимавајте тој да биде во склоп со останатите парчиња. Одлучете се за елек доколку сметате дека одговара на вашиот сензибилитет, ова не е прилика за експерименти. Шапката во однос на аксесоарите, ќе ви даде посебен печат за да се чувствувате како вистински господин.

-Што се однесува на чевлите исто така нека бидат класично-спортски модел во црна боја, а можете да облечете и двобојни, пример црно-бели. Комфорот иако е во преден план во никој случај не е оправдано носење на патики.

 

Како да се облечете на џез концерт – за жени

-Облечете се формално. Како и за мажите така и за жените важи правилото дека вие пред се треба да се чувствувате удобно. Во основата се вклучени: темни бои, задолжително „вооружени“ со добри чевли, како и интересна но не премногу впечатлива фризура.

-Црниот фустан е идеален за на џез концерт, но внимавајте, тој не треба да биде над вашите колена. Слободно можете да облечете фустан со голи рамена или прерамки, суптилно надополнет со некоја марама или накит. Прифатливи се и панталоните и здолништата, но нека бидат класични со некои интересно стилизирани моменти.

-Кога веќе ги споменавме чевлите, најдобро е да бидат салонки или чизмички и чевли до глужд, надополнети на пример до некои  интересни ременчиња.

-Шминката сведете ја на минимум, таа никако не треба да биде нападна. Црвениот кармин никогаш не е промашување,  слободно можете да го употребите. Доволна ви е само маскара на трепките и руменило што ќе ве освежи.

-Бохо стилот е исто така одличен за стајлинг на џез концерт. Макси здолништата од транспарентни материјали , надополнети со некоја едноставна кошула одлично ќе се спојат. Балтанките исклучете ги од опција и водете се според она што погоре ви го наведовме во однос на обувките.

Вака подготвени, уживајте и релаксирајте се со џез, а притоа носете на вас посебна енергија која ќе ви ја прати моќта на облеката.

Објавено:
18 октомври 2013
Категорија: 
Актуел