Копенхаген е најновата модна престолнина

4 февруари 2021

Скандинавските блогерки изминативе години се истуркаа рамо до рамо со парижанките, а сега и Лондон, Милано, Њујорк и Париз добија конкуренција за Модната недела. 

Копенхаген е моден Ерусалим последниве неколку сезони, па ги руши тврдењата дека модната недела како институција полека изумира како последица на пандемијата. Се поставува прашањето зошто е тоа така? Кога модната недела во Копенхаген стана настан вреден за следење?

Додека останатите модни престолнини имаат имиња кои датираат стотици години, особено италијанските модни куќи, на данските модни писти се појавуваат брендови стари едвај 20 години. Такви се Ganni, Cecilie Bahnsen, Baum und Pferdgarten, Samsøe Samsøe или By Malene Birger.

Достапните цени на овие брендови ги прават многу примамливи за посетителите и консументите, а данските дизајнери особено внимаваат на одржливоста. Младите брендови и љубители на модата во Данска инсистираат да го сменат текот на модата како индустрија, насочувајќи ја кон штедливост, одржливост, рециклирање.

Она што го прави и Копенхаген модно неодолив не се само модните писти, туку и она што се случува надвор од нив. Сивите улици и големите згради на урбаната средина се освежуваат со девојки и момци во жолта, зелена, портокалова, фуксија, кои задржувајќи го минимализмот како водечки мотив ја дкктираат уличната мода. Токму таквиот ДНК код ќе го пронајдете на профилите на Thora Valdimars, Pernille Teisbaek или Emily Sindle.

Модната недела во Копенхаген се одржува од 2 до 5 февруари.

Објавено:
4 февруари 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
565 пати