„Лимонадите“ се омилени четива на Македонците

29 јануари 2015

books

Неодамна видов еден пост на Фејсбук, за тоа кои се најчитаните книги во Македонија за 2014 година. И токму еден од пријателите што ги имам на оваа социјална мрежа се чудеше на комбинацијата и изборот на нашите читатели – Коста Петров, Марија Јанева, Пауло Коелјо, Џули Џејмс, Гијом Мисо, Венко Андоновски...

Од една страна ќе си речете, па добро е, се чита, се купуваат книги. Но, од друга, што е тоа што се купува? Со каков квалитет? Која порака ја носат тие дела? Што се учи од нив?

Кога ја погледав комплетната листа, со чест на исклучоците што се нашле таму, ми стана јасно дека Македонците сакаат да читаат површни четива, „лимонади“, наслови... Македонците немаат време да се „замараат“ со длабоки мисли, немаат време да се посветат на некое четиво. Да не дојде до забуна, немам ништо против такви дела, но доколку тоа е далеку подоминантно од било кое друго поквалитетно четиво, книжевен класик, тогаш треба да се размисли што е причината за тоа.

o-READING-PILE-OF-BOOKS-facebook

Од друга страна пак, не можам да речам дека сосема ги обвинувам читателите. Тие бараат нешто со што ќе се идентификуваат, нешто што ќе им понуди бегство од реалноста, можеби ќе им понуди и решение, затоа книгите со совети за тоа како да живеете, како да бидете успешни, позитивни, како да го искористите сиот свој потенцијал се едни од најпопуларните.

Оние пак, со љубовни цитати, веќе видени во било чиј женски дневник, бележник или лексикон, немаат никаква длабочина. Секако дека сите ќе се препознаете, не сте сами во своите искуства, но тоа и без овие книги треба да го знаете.

books1

Зад сите овие четива се крие желбата за љубов, за чисти, убави, среќни нешта, кои очигледно просечните Македонци ги немаат, односно им недостасуваат. Книжарниците и издавачките куќи живеат исто така за профит, така што за нив оваа нова тенденција е очигледно добредојдена.

Речиси сум сигурна дека делата за обработка во училиште ретко се читаат или со тешка мака, но книгите со горенаведените содржини се купуваат на големо.

must-read-books

Ако сакате да избегате од реалноста, книгата сама по себе ви го овозможува тоа. Па затоа, одберете макар некоја поквалитетна. Барајте книги што ќе ви овозможат некое ново искуство – на ниво на приказна, јазик, ликови, пристап, возбуда, тема... Прочитајте и некое „лимонадче“, не за друго, колку да ја воочите разликата.

А во продолжение погледнете ја и вие листата на најчитани книги за минатата година.

1. Светот не е фабрика за исполнување желби – Џон Грин
2. Се гледаме на врвот – Коста Петров
3. Тајната на сопругот - Лиен Мориарти
4. Нашето последно кафе - Коста Петров
5. Јас и ти - Кристан Хигинс
6. Последната пролет во Париз - Јелена Бачиќ Алимпиќ
7. Рингишпил - Јелена Бачиќ Алимпиќ
8. На една свадба - Џули Џејмс
9. Во врска со онаа ноќ - Џули Џејмс
10. Дете 44 - Том Роб Смит
11. Само пријатели - Колин Хувер
12. Белешките на Лајла Грејс - Марија Јаневска
13. Ќерката на математичарот - Венко Андоновски
14. Во одбрана на Џејкоб - Вилијам Лендеј
15. Ангелски повик - Гијом Мисо
16. Како да ги унапредите своите преговарачки вештини - Д. Р. Гилберт
17. Прељуба - Пауло Коелјо
18. Сосед од пеколот - Р.Л. Метјусон
19. Дигитална тврдина - Ден Браун
20. Пакет: На една свадба + Во врска со онаа ноќ - Џули Џејмс

*Листата е преземена од КупиКнига.мк

Објавено:
29 јануари 2015
Категорија: 
Актуел