И дивите животни се љубопитни за мода! Сигурно не верувате во ова, но најновата рекламна кампања на модната куќа Луј Витон, ќе ве увери токму во спротивното. Како реквизити во проектот се вклучени жирафи, млади мали лавчиња и сувите, егзотични предели на Јужна Африка. Истражувачите во оваа сафари приказна се моделите Карен Елсон и Еди Кемпбел, уловени од фотообјективот на фотографот Питер Линдберг.
Едиторијалот со наслов „Spirit of Travel“, се смета дека ќе направи вистински „бум“ во етерот. Имено, кампањата веќе е договорено да се појави во неколку списанија во април, почнувајќи од Vanity Fair во САД.
„Станува збор за егзотично патување во модниот свет низ пустинските предели и дивите животни во Африка“, изјави Фредерик Винклер, одговорен за односи со јавност во Луј Витон, истакнувајќи дека моделите Кемпбел и Елсон носат креации исклучиво од пролетната колекција на брендот.
Непогодните услови и топлото време не ги спречија манекенките да остварат комуникација со животните. Елсон на еден мошне смел начин на една од фотографиите и дава лисја на жирафата, додека Кемпбел пак, јава зебра. Винклер напомена дека ниту една од приложените фотографии не е наместена и дека интеракцијата со животните е реална, вклучувајќи ја и прошетката на Кемпбел заедно со гепардот.
Кампањата е стилизирана од Карин Ројтфелд, а директорот најави и краток он лајн филм кој ќе може да го погледнат сите фанови веднаш по објавувањето на фотографиите.