Магични изработки прикажани на базарот на последниот ден од Скопје Креатива

13 октомври 2013

Во рамки на последниот ден од фестивалот на креативни индустрии Скопје Креатива, скопјани имаа можност да уживаат во прекрасните изработки на македонските уметници кои оваа година своите дела решија да и ги претстават на јавноста.

На базарот можеше да се види буквално се. Од спој на модерното и традиционалното преточено во ултра шик накит, па се до интересни беџови и шапки што никого не оставија рамнодушен.

Оваа година на Скопје Креатива меѓу другите, својата работа реши да ја претстави и шармантната Руса Маневска, која со своите специјално изработени слики од срма имаше едно од најинтересните катчиња во холот на Универзалната сала. Таа ни раскажа дека ваквите слики се изработуваат единствено во Македонија и на ниту едно друго место во светот.

„Ова е веќе 10 – та година како ги изработувам овие слики. Техниката е лепење, изработката е филигран. После среброто, срмата дава најголема слобода на филигранска изработка. Подлогата може да биде хамер, кожа, гутенбергова хартија, односно се она што е природно. Во процесот на изработка се употребува сребрена и златна прашина и токму тие им го даваат оној светкав сјај на овие слики“, вели Руса за fashionel.mk.

Таа посочи дека е многу задоволна од македонските купувачи, бидејќи се многу заинтересирани за ваков вид на уметност.

„Тие доаѓаат, купуваат и повторно се враќаат. Не се задоволни со само една слика. Инаку и странците не се рамнодушни, со оглед на тоа што моите производи можат да се најдат на сите континенти и веќе се запознаени со истите“, објаснува Руса, која како свој најпродаван производ ја издвојува добро познатата пеперутка од покојниот Вангел Деребан, во нејзина изведба.

Покрај сликите од филигран, на базарот можеа да се видат и прекрасни дела од креативната Елизабета Ташковска, која се претстави со интересни изработки од филигран на хартија и модерни марами.

„Во ова се пронаоѓам веќе три години и срдечно им препорачувам на сите да се пронајдат во некое свое хоби, бидејќи сметам дека човекот со ова многу се исполнува и има можност да излезе надвор од себе пред се, да и се претстави на јавноста и сметам дека ова е вистински начин на искажување на емоциите. Ова секако е подобро нешто од тоа да седиме пред ТВ екраните и да гледаме различни работи“, вели Елизабета.

Она што е интересно, а поврзано за Елизабета, е тоа што таа на многу интересен начин се одлучила да започне со ова хоби.

„Многу сакам да возам велосипед и многу често сакам да застанам и да одморам во парк и така всушност и дојдов до идеја да почнам да работам со ова. Седнав на една клупа и пред мене имаше кована ограда и едноставно почнав да ги анализирам шарките и спонтано, подоцна, тоа го преточив во филигран. Покрај филиграните изработувам и марами. За прв пат истите ги видов во Турција, донесов неколку и побудија голем интерес кај сите и сега веќе почнав сама да ги изработувам“, вели Елизабета.

Кон крајот на холот во Универзалната сала, наидовме на исклучително убав накит, за кој подоцна дознавме дека е направен од вештите раце на Елена и Станка Ѓурчевски. Тие беа доволно љубезни и ни ја раскажаа приказната за материјалот од кој го изработуваат нивниот накит, а тоа е добро познатиот, традиционален ќостек.

„Ние изработуваме накит со монистра од традиционалната македонска плетка – ќостек. Од истиот, во минатото се изработувала добро познатата змија, која се користела како сувенир, односно како чувар на куќата. На нашите простори оваа изработка се појавила во 1870 година, со повлекувањето на Турците. Ние го преточивме во нешто традиционално, но модерно. Работиме со ова цели пет години. Ова е скапо хоби, бидејќи во целата изработка вметнуваме полудраги камења, монистри што се бираат многу внимателно по квалитетот“, објаснува Станка.

Таа ни раскажа и дека нејзините монистри се дел и од македонскиот филм „До Балчек“ на Столе Попов.

“Во филмот „До Балчек“ правевме ќостеци за комитите. Според традицијата, младите девојки на комитите им ги давале како амајлии, како заштитник што ќе ги чува од куршуми и токму тоа е нашиот дел од приказната во филмот. Останува да видиме како тие во традицијата го прикажале ќостекот и змијата“, објаснува Станка.

Покрај овие извонредни дела што можеа да се видат на базарот на Скопје Креатива, посетителите имаа можност да си купат и шапки од прекрасните изложени, најразлични беџови во многу форми и бои, прекрасни магнети за фрижидер, кожени модни додатоци, дрвени изработки како и прекрасни, шарени украси.

Со овој базар што се одржа на последниот ден од фестивалот Скопје Креатива, уште еднаш се докажа фактот дека во Македонија има огромен број на уметници со неверојатен потенцијал чии дела дефинитивно се за огромна поддршка и добра презентација.

Објавено:
13 октомври 2013
Категорија: 
Актуел