Магазинот „Пипл“ вчера по петти пат ја прогласи Џулија Робертс за најубава жена на светот, со што таа влезе во историјата на престижното списание.

-Поласкана сум, но верувам дека најубавите години од животот допрва се пред мене – изјави актерката по тој повод.

За потсетување, Робертс првпат е прогласена за најубава во 1991, година дена по појавувањето на мега хитот „Згодна жена“. Истата титула потоа ѝ беше доделена во 2000-тата, 2005 и 2010 година.

Обожавателите на 49-годишната актерка се воодушевија од оваа вест, но не и Твитер заедницата.

Изненадувачки или не, многумина сметаат дека таа е убава, но не за пет пати да ѝ биде доделена таква титула.

„Каква глупост е ова?“, „Кој го рече тоа?“ „Џулија Робертс е по петти пат избрана за најубава жена? ОК, јас ја бирам Бети Вајт“, се само дел од коментарите.

Ако се навратиме на научната анализа за најубаво лице, ќе се сетите дека актерката ја нема ниту во првите десет.

Не може да се одрекне дека е за пофалба тоа што „Пипл“ последниве години избира природни и негувани жени во 40-тите години од животот како пример за убавина. Лани, по втор пат, насловната ја красеше Џенифер Анистон (48).

Од друга страна пак, Робертс веќе одамна не е така активна на холивдската сцена. Некои сметаат дека Мерил Стрип несомнено ќе беше подобар и позаслужен избор.

Постојат и коментари дека жените со „друга боја на кожа“ се повторно изоставени, а биле многу поприсутни и поактивни. Како пример се наведени Софија Вергара (44), Вајола Дејвис (51), Тараџи. П.Хенсон (46), Луси Лу (48), Кери Вашингтон (40), Лиса Бонет (49), Пенелопе Круз (42), па и Џениефер Лопез (45) и многу други...

„Никој не ја оспорува убавината и успешноста на Џулија Робертс, таа е прекрасна. Но, петти пат? Немаа ли некој друг да одберат? Овој „избор за убавина“ на „Пипл“ станува со понерелевантен и досаден. Каков и да им е критериумот, треба да го сменат што поскоро, ако сакаат да ја задржат публиката“, е уште еден од коментарите.

Тие пак што се на „страната“ на магазинот, со статистика покажуваат дека жените од други раси не се дискриминирани.

1990 – Мишел Фајфер; 1992 - Џоди Фостер; 1993 – Синди Крафорд, 1994 – Мег Рајан, 1995 – Кортни Кокс; 1999 – Мишел Фајфер; 2001 – Кетрин Зета Џонс; 2002 – Никол Кидман; 2003 – Хали Бери; 2004 – Џенифер Анистон; 2006 – Анџелина Џоли; 2007 – Дру Баримур; 2008 – Кејт Хадсон; 2009 – Кристина Апелгејт; 2011 – Џенифер Лопез; 2012 – Бијонсе; 2013 – Гвинет Платроу; 2014 – Лупита Нјонго; 2015 – Сандра Булок; 2016 – Џенифер Анистон;

Има и такви што сметаат дека ваквите „избори“ се сосема непотребни.

Без разлика на тоа каков став имате кон ова, несомнено е дека мајскиот број на „Пипл“ ќе биде сигурно еден од најпродаваните. За тоа ќе придонесат секако и овие реакции, но и интервјуто со Робертс, каде зборува и за убавината и за семејството.

Од првата насловна поминаа 26 години, а на прашањето како се гледа во наредните 26, актерката ќе каже:

-Како 75-годишна (се смее). Се надевам дека ќе стареам достоинствено, ќе ги гледам децата како растат, ќе ги следам и сфаќам нивните соништа, ќе гледам како ќе ги најдат вистинските личности во нивниот живот, ќе основаат семејство и ќе имаме мали суштества (внуци), кои Дени и јас ќе ги разгалиме.... Тоа е нешто што животот треба да биде – вели Робертс и на шега додава – Мислам дека ќе бидам спремна да бидам баба. Господе! Тоа звучи премногу зрело и возрасно од оваа перспектива.

Ботоксот, филерите и пластичната хирургија не се нешто на што би се подвргнала во овие години. Во една пригода дури изјави дека ја ризикувала кариера на сметка на достоинственото стареење.

-Ако ви е потребно, направете го... Сите треба да го правиме тоа што го сакаме. Не се плашам од стареењето и годините.

Познати се нејзините обложувања со долгогодишниот пријател Џорџ Клуни. Сега, со петтата насловна е далеку пред него, бидејќи тој само два пати бил избран од „Пипл“ за најсекси маж.

-Ќе морам тоа да го споменам во следната божиќна честитка упатена до Клуни – се шегува Џулија.

За потсетување, актерката во 2001 година освои „Оскар“ за улогата во филмот „Ерин Брокович“. Со филмскиот снимател Дени Модер е 14 години во брак и имаат три деца.

Објавено:
20 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.896 пати