Oбединети дизајнери од Европа на 19-тиот Моден викенд во Скопје

27 февруари 2019

Во рамки на богатата програма што ќе се одржи од 29.03 до 31.03 во поранешната печатница на НИП „Нова Македонија", дваесет и деветте интернационални учесници на шоурумот премиерно ќе ги изложат новите колекции за есен-зима 2019/2020 пред домашната и странската публика.

Освен од земјата домаќин, посетителите на најголемиот моден настан во метрополата, последните три дена од месец март ќе имаат единствена прилика, одблизу да се запознаат со работата на гостите од Белгија, Германија, Португалија, Франција, Романија, Латвија, Естонија, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

дизајн: Mateyaneira, фотографија: Studio Katran

Како дел од интернационалното здружение што го реализира проектот „Обединета мода" („United Fashion"), организаторите на 19-тото издание на Моден Викенд Скопје, годинава ќе им посакаат добредојде на дваесет и девет талентирани и перспективни имиња од европската дизајнерска сцена, кои заедно ќе ги споделат креативните визии за сезоната есен-зима 2019/2020.

дизајн: Marko Feher, фотографија: Edvin Kalic

Списокот на брендови чиишто креации ќе може да се погледнат и купат на шоурумот во поранешната печатница на НИП „Нова Македонија" го сочинуваат: Andra Handaric (Романија), Arthropoda (Македонија), Chic Utility (Романија), Concepto (Романија), Cristina Real (Португалија), Diana Arno (Естонија), Dragana Mihajlovic (Србија), Ece Özalp (Турција), Evgenija Zafirovska (Словенија), Faulhaber Products (Германија), Hanfaz (Франција), Kokoro (Црна Гора), Ksenija Kotev (Македонија), Lila Style House (Бугарија), Lommer (Грција), Marija Kulusic (Хрватска), Marko Feher (Босна и Херцеговина), Mateyaneira (Хрватска), MLS – Marie Laurence Stevigny (Белгија), n.d.c. made by hand (Белгија), Oh Suzy! (Франција), One Wolf (Латвија), Red Juliet (Белгија), Rosica Mrsik (Македонија), Senem Unal (Турција), Tanja Christiani (Германија), The Mannequin Collection (Грција), Toos Franken (Белгија) и Vesa Gruda (Косово).

дизајн: Faulhaber Products, фотографија: Elena Breuer

Главната цел на проектот „United Fashion SEE Showroom" во Скопје е промоција на модните дизајнери од Југоисточна Европа (ЈИЕ) пред интернационалните купувачи и претставниците на медиумите, како и поврзување на дизајнерите од Европската унија со македонските фабрики. За таа намена, активностите ќе вклучат претставување на ЈИЕ пазарот од страна на професионалците во индустријата, презентации од селектирани локални производители, посета на фабрики и состаноци помеѓу дизајнерите учесници и локалните производители.

дизајн: Chic Utility, фотографија: Emil Costrut

Во насока на унапредување на претприемничката креативност, иновативноста и бизнис можностите на европските дизајнери и растечки брендови, предвидена е и дводневна работилница „Creative concepts for the commercial demands of the industry", преку која учесниците ќе ги подобрат своите вештини за донесување на паметни одлуки во согласност со побарувањата на современата модна индустрија, како и правење вистински баланс меѓу креативноста и комерцијалните аспекти при создавањето колекција.
Покрај Моден Викенд Скопје, дел од проектот „United Fashion" се и европските здруженија за поддршка на модната индустрија: MAD Brussels Fashion and Design Platform (Белгија), Flanders DC (Белгија), ModaLisboa (Португалија), Baltic Fashion Federation (Латвија), Maison de Mode (Франција) и Fashion Council Germany (Германија).

„Обединета мода" ја доби поддршката од програмата „Creative Europe" на Европската унија.

дизајн: Cristina Real, фотографија: Luis Sustelo

 

Објавено:
27 февруари 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
283 пати