Вчера во лаунџ-барот „Барбакан“ се отвори првата изложба на фотографии на тетоважи во Македонија. Наречена „My Life in ink/Мојот живот во мастило“, изложбата се состои од 15 фотографии на Ани и Дими со инспиративни портрети на сопственици на тетоважи, преку кои се афирмира тетоважата како применета модерна уметност. Организатор на проектот е светски познатиот бренд Дизел, а како партнер се јавува уметникот Симон кој стои зад прикажаните тетоважи.
Фотографиите ги направија Ани и Дими
„Тетоважите претставуваат еден уметнички феномен, моќна супкултура која опстојува со векови. Дизел како бренд во секоја стилизирана модерна тетоважа препознава многу повеќе од само траги од мастило гравирани на кожата. Зад секоја тетоважа се крие еден цел уметнички космос, интимна човечка приказна раскажана моќно и храбро. Современиот сопственик на тетоважа храбро скицира нов самосвесен профил на човек, со нов однос кон себе и светот околу нас. Ние како бренд целосно ја поддржуваме таа смелост да се биде сво“, рече на отворањето Јасмина Апостолоска, маркетинг-менаџер на Фешн груп, главен дистрибутер на Дизел за Македонија.
Јасмина Апостолоска од Фешн Груп, дистрибутерот на брендот Дизел
Тетоважите како една од најстарите и најдолготрајни светски уметнички форми, вкоренети се во вековните традиции, а во исто време се присутни во современите вон-мејнстрим движења, како што се панкот, хип хопот, графитите и бајкерската култура. Како што нагласи Апостолоска, фотографиите од изложбата се уметнички слики чие платно се живи суштетства и на кои се испишани различни животни приказни. Тетоважите опстојуваат низ вековите и културите, а нивното неизбришливо мастило и големите симболични функции оставаат белег врз телата и умовите. Денес тетоважите повеќе се поврзуваат со лични, интимни и индивидуални авантури. Луѓето се тетовираат од многу причини, најчесто да ги покажат сопствените приказни: за пресвртите во нивните животи, нивните љубови, нивните радости и таги и нивните вкусови.
Изложбата ќе биде отворена до 26 мај