„Планетарна“ модна ревија на студентите од ТМФ во чест на 55 годишниот јубилеј

20 јуни 2014

 

Традиционално како и секоја година, студентите од Технолошко-металуршкиот факултет од студиската програма за дизајн и инженеринг на облека, го претставија нивниот завршен испит преку модна ревија, на тема „Нашата планета е наш дом“, перцепирана низ четирите елементи вода, воздух, оган и земја. Салата пред платото на ТМФ беше локацијата каде сите присутни дојдоа да го проследат модниот перформанс и да видат што ќе понудат креативните умови на студентите од втора, трета и четврта година кои работеа под менторство на професорките Лидија Георгиева и Соња Ќортошева. Факултетот имаше и причина плус за славење, бидејќи токму оваа година навршуваат 55 години од основањето на факултетот, па покрај традиционалната модна ревија, се одржа и мала коктел забава во чест на јубилејот.

Пред официјалниот дел на претставувањето на завршните креации на студентите, свое обраќање имаше деканот проф. Александар Димитров:

„Навистина е големо задоволство да се биде декан на овој факултет и чест е да се биде дел од вакви манифестации. Јас сум навистина горд на овој институт, на професорите кои  макотрпно работат со студентите за да создадат од нив идни дизајнери и идни конфекционери и  инженери на текстилната индустрија. Ова што вечерва ќе го погледнете заедно со нас ќе биде навистина мелем за очи. Оваа модна ревија и веќе станува традиција и препознатливо обележје за нашиот факултет. Им честитам и на професорите и на студентите и им посакувам и понатаму да продолжат по истите стапки и со истиот ентузијазам да креираат и да создаваат, зашто македонската индустрија треба да се подигне на  повисоко ниво. Треба да прерасне во индустрија на готови креации кои  ќе се пласираат ширум светот“, рече во своето обраќање деканот проф. Александар Димитров.

Модниот перформанс беше поделен во три етапи. Во првиот дел свое претставување имаше специјалната гостинска од Неапол- Италија, Нунција Пилато која  покрај тоа што ги запозна студентите со техниката на сликање врз текстил, претстави и дел од нејзината колекција. Пилато е архитект која го комбинира дизајнот со сликањето и создава навистина инвентивни модели.

Во вториот дел на задоволство на сите присутни свое претставување имаа студентите од втора и трета година кои твореа на темата „Нашата планета е наш дом“.

Во последниот трет дел имавме можност да ги погледнеме  модните креации на студентите од четврта година кои веќе го завршуваат факултетот и се на прагот на својата самостојна кариера. На самиот крај се потсетиме и на креациите на неколку студенти од генерациите во последните пет години.

Професорката и дизајнерка Лидија Георгиева изјави  дека за институцијата јубилејот од 55 години постоење има огромно значење, но и за неа приватно бидејќи ова е прва ревија која што е работена според нова програма во чие концепирање учествува и таа самата.

„За мене беше голем предизвик и многу сум задоволна бидејќи навистина прекрасно помина. Апсолвентите се прикажаа, дел со нови работи, дел со поранешни креации. Меѓутоа,  во првиот дел тоа беа студенти од втора и трета година и тие се држеа строго до зададената тема. Мислам дека е направен колосален чекор напред во однос на тоа какви почетници беа кога ги запознав во октомври како студенти од втора година, а сега после една цела година работа објаснување,  учење, тренирање и работење, објаснување што е тоа мода, што е тоа истрага, како се гради една колекција, како се реализира истата,  така да навистина сметам дека е направен колосален чекор напред  и за нив е ова многу значајно и огромно искуство  и се надевам дека ќе имаат прилика и понатаму да прават ревии и секако дека ќе бидат уште подобри“, вели модната дизајнерка Георгиева.

По завршувањето на свеченоста поразговаравме со дел од учесниците за да ги чуеме нивните впечатоци и мислења околу симболиката на овој настан. Натали Наумова е студент во втора година која беше презадоволна од нејзиниот настап, а се претстави со романтични и нежни модели каде доминираше убавината на ружите.

„Вечерва се претставив со три креации, две бели со апликации на ружи и една црна исто со ружи. Инспирацијата ја црпев од природата, потврда за тоа се и ружите кои се аплицирани директно на моделите. Од материјалите доминираат сатенот, жоржет, тул... Инаку доста долго се спремавме за ревијата, работиме скоро цела година. Мене ми требаше од прилика еден месец за да изработам се. Задоволна сум од крајниот резултат“, ни откри Натали.

Јованка Галовска која  е апсолвент при ТМФ и е на прагот да почне своја сопствена кариера,  вели дека тој чекор  можеби малку ќе почека, бидејќи смета дека и треба многу пракса и соодветна надоградба пред да собере храброст за поголем чекор.

„Темата беше „Планетата земја, нашиот дом“,  бидејќи тоа е општ поим нормално е секој си извлече свои под теми, а јас имав две: вода и загадување и имав по два модели од двете теми. Мислам дека ја оправдав зададената тема и под темите затоа и самите дизајни беа како во две крајности, едните беа сини, имаше и нешто бело што требаше да симболизира морска пена, а црните беа симбол на уништувањето на планетата земја како резултат на урбанизацијата и претераната експлоатација на ресурсите. Сакав и на тој аспект да се надоврзам бидејќи светот и не е така убав како што ни изгледа. Во скоро секој модел доминира употребата на мек тул, кој што е многу популарен во последно време. Сините модели се во главно изработени од американски сатен едниот има детали од мек тул, а користев и кристален муслин, имав синџири, користев и некои пластики и метални фолии и други работи кои помогнаа во изработката на деталите. Моделите ги работев околу два месеци. Ама не интензивно зошто имавме и други обврски. Целиот процес траеше цел семестар, зошто прво требаше да се претставиме со темата да си извлечеме секој под тема да најдеме соодветни амбиентални фотографии што ја претставуваат под темата, па дури потоа земавме да цртаме скици. Цртавме по барем десетина скици од кои подоцна се одбираа само три, четири или пет, во зависност која година сме. Тие што се втора и трета може да претстават две до три креации, а четврта четири или пет. Мислам дека генералниот впечаток е одличен“, завршува младата дизајнерка Галовска.

Во продолжение погледнете ги фотографиите на дел од гостите и атмосферата од свеченоста:

Објавено:
20 јуни 2014
Категорија: 
Актуел