Почина фотографот што ги направи најпознатите портрети на принцезата Дијана

1 април 2022

Во 78-та година од животот вчера почина легендарниот француски моден фотограф Патрик Демаршелие.

Информацијата беше потврдена со соопштение објавено на неговиот официјален Инстаграм профил, во кое се вели:

„Со голема тага објавуваме дека Патрик Демаршелие почина на 31 март 2022 година, на 78-годишна возраст", без притоа да се наведат други детали за смртта.

Тој се прослави со неговите мега популарни модни портрети на славните, а фотографиите што ги направи со принцезата Дијана влегоа во историјата на модната фотографија и важат за едни од најпознатите фотографии на принцезата. Првите фотографии со неа ги направил во 1989 година, а воедно бил и првиот фотограф што немал британско потекло, а го фотографирал кралското семејство.

Демаршелие ја фотографираше и Мадона во долна облека, му ги направи култните црно-бели портрети на Леондардо ДиКаприо, манекенката Жизел Бундшен ја фотографирал во биволска кожа, негови фотографии се нашле на огромен број насловни страни, а една од најлегендарните е онаа со Линда Евангелиста во 1992 година за септемвриската насловна на Харперс Базар, која стана една од најпознатите насловни страни во историјата на модните магазини.

Роден е во 1943 година, во близина на Париз, во Ла Авр и почнал да се занимава со фотографија уште во тинејџерските денови. Во 1975 година, во неговите рани 30-ти години се преселил во Њујорк и таму започнува сериозна кариера на моден фотограф со бројни насловни страни за најпрестижните модни магазини, но исто така сликат и комерцијални фотографии за модни брендови како Шанел и Гап.

Низ годините, тој стана еден од најпочитуваните фотографи во модниот свет. Интересно е и тоа што се појавува и во првото издание на филмот „Sex and the city" во 2008 година каде ја фотографира Кери Бредшо.

Дамка на неговата кариера фрли скандалот во 2018 година, кога седум манекенки го обвинија за сексуален напад, но тој ги демантираше обвинувањата изнесени во публикација во Boston Globe. После овој скандал, неговиот долгогодишен и најзначаен клиент, групацијата Conde Nast ја откажа соработката со него.

Објавено:
1 април 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
665 пати