Поинаква кампања на „Версаче“

6 јуни 2016

Модниот бренд „Версаче“ лансираше нова кампања за есен ’16. Главни лица се Карли Клос и Џиџи Хадид, но најспектакуларна информација за познавачите на модата е што по овој повод модната куќа ја обнови соработката со фотографот Брус Вебер.

-Ние сме како Елизабет Тејлор и Ричард Бартон, заедно сме, па потоа се разделуваме, па потоа повторно сме заедно – изјави фотографот за „Њујорк Тајмс“.

После пауза од 20 години, Донатела и Брус прават фотографии со што сакаат да стават сосема нов фокус врз брендот.

-За мене ова е пресвртен момент. Имиџот на „Версаче“ е најмногу поврзан со црвениот килим. Но, јас сакав да направам и дневна облека за жена која што е ѕвезда, има свој бизнис, ама има и семејство. Модата е дел од животот и сметам дека е многу важно да покажеме дека може да биде дел од различни животи, дека може да ви помогне во животот. Не е само за создавање на убави илузии, како што беше некогаш случај – потенцира Донатела.

И покрај критиките дека главните лица не изгледаат како мајки, дизајнерката смета дека поентата е многу посилна од коментарите во таа насока.

-Сликавме и во супермаркет, бидејќи моќните жени одат и во супермаркет. И Донатела влезе, а јас го овековечив тоа - истакна Вебер.

Кампањата е снимана во Чикаго, а покрај Карли и Џиџи се појавуваат уште 26 модели. Особено интересно е тоа што дури 17 од нив не се професионални модели:

-Почнавме со три жени и неколку машки модели, а потоа додадовме многу мажи, што ги најдовме во градот. На крајот излегоа 26, а 17 од нив не се модели. Еден од нив е оперски пејач, некои се танчари, војници... Но, кога Бурс ги спои сите, ја добивме различноста во семејствата, која се пренесе и на фотографиите. Облеката што им ја дадовме беше подарок. Исто така и им плативме за ангажманот. За следното машко шоу, голем дел од нив ќе ги земеме во Милано. Овие мажи се многу важни бидејќи зборуваат на поинаков јазик од мојот – и буквално и генерално. А на модата тоа ѝ е потребно. Инаку, сите ќе останеме на исто ниво, уназадено – објаснува дизајнерката.

Објавено:
6 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
341 пати