Распослан црвениот килим од 64-то издание на Берлинале

7 февруари 2014

Синоќа во Берлин, почна 64-то издание на меѓународниот филмски фестивал во Германија. Како и на секоја една ваква престижна манифестација, на почетокот од отворањето во фокусот секогаш е црвениот килим, на кој зачекорија едни од најпознатите актерски имиња. Оваа година ќе бидат прикажани 409 филмски остварувања, додека за главната награда Златенa мечка, ќе се борат 20 филмови. Програмата беше отворена со филмот „Гранд хотел Будимпешта“ на режисерот Вес Андерсон, германско-британска копродукција во кој играат: Рејф Фајнс, Тилда Свинтон, Бил Мареј.Помалку гламурозен од Кан, помалку популарен од Венеција, но ништо помалку престижен, Берлинале е фестивал за оние што секогаш бараат нешто ново, надвор од константните патеки.

 

Меѓу 400 остварувања стојат  големи холивудски продукции, независни филмови и документарци што од вчера па се до 16-ти месецов ќе бидат континуирано проектирани во Берлин, додека 18 од нив ќе имаат светска премиера. Меѓу „лавината“ од изгледи на првата премиера секако продефилираа и креациите на светски познатите дизајнери. Меѓу оние повпечатливите беше оној на актерката Тилда Свинтон која носеше елегантна црно бела котур комбинација од пролетната колекција на Скјапарели за 2014 година.

 

Актерката ја износи креацијата на софистициран начин, истакнувајќи ја својата зрелост и храброст од модната селекција, успевајќи на црвениот килим да ја претстави дури и подобро од писта, надополнета со масивни аксесоари како прстенот кој не остана незабележан на нејзината рака, но и рамните пердувести сандали што секако привлекуваа внимание како необичен избор за таков настан. Не изостанаа креациите и на Валентино, Прада, Вионет и други. За она што можевме да посведочиме од првата вечер, е дека на црвениот килим најпрактикувани беа макси фустаните во драматични бои, но исто толку применувани се и класичните изгледи од сако со панталони како за мажите така и од жените и малку поопуштен изглед од она што сме навикнале да го гледаме на црвен килим.

Во следните денови, се до 16-ти февруари, остануваат уште 18 филмови кои ќе имаат премиера и луксузен црвен „килим“ на кој ќе зачекорат многу познати личности од меѓународната филмска индустрија.

Објавено:
7 февруари 2014
Категорија: 
Актуел