Резиме на проектот „Градење на интернационална конкурентност на текстилните компании во пограничниот регион Мк-Бг“

17 јануари 2018

Во насока на споделување на искуства од соседните земји кои се главни конкуренти на македонските текстилни компании, но и добри партнери во задржувањето и задоволувањето на барањата на новите купувачи, Текстилно Трговско Здружение – Текстилен кластер од Македонија изминатава година и половина го реализираше пограничниот проект ''Градење на интернационална конкурентност на текстилните компании во пограничниот регион МК-БГ', финансиран од Европската унија преку ИНТЕРЕГ ИПА програмата за погранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија, во партнерство со Браншовата организација за текстил и облека од Бугарија.

Преку развојот на регионот како област која има квалитетно развиен текстилен сектор, проектот имаше за цел да влијае на сликата на индустријата, да се позиционира како многу високо рангирана и општествено одговорна индустрија.

„Во изминатава година и половина во склоп на проектот беше креирана Визија за Регионот, која има за цел да го промовира пограничниот регион како место каде можат да се добијат услуги во изработка на секаков вид облека. И македонските и бугарските компании имаат визија на странскиот пазар да се претстават заеднички, за квалитетот што се нуди сметаат дека би им помогнало реномето што го имаат кај партнерите, бидејќи и двете компании шијат текстил за најпознати светски марки.", вели Наташа Сивевска – извршен директор на Текстилниот кластер.

Со цел да се постигне Визијата за регионот и да се создаде бренд, беше развиена петгодишна Стратегија за позиционирање која се состои од неколку делови. Беа дефинирани и Контролни точки за квалитет - QSS, развиени врз основа на барањата од националното законодавство и законодавството на ЕУ, како и општите принципи од ООН за човекови и деловни права. Воспоставувањето на QCC во компаниите ќе придонесе за обезбедување на безбедни и задоволителни работни услови за вработените и ќе обезбеди еднаквост меѓу нив. Се креираше и брендот "Доверлив балкански производител на облека", кој претставува концепт што ги поврзува двата погранични региони на Балканот: Македонија и Бугарија. Концептот беше промовиран на саемот Premier Vision Manufacturing во Париз, на заедничкиот македонско-бугарски штанд, каде успешно се презентираа 10 водечки текстилни компании од Македонија и Бугарија. Целта на саемот беше да се претстават компаниите од текстилната индустрија од пограничниот регион на меѓународните целни групи и да стекнат доверба во нив.

Создадената Комуникационата стратегија во склоп на проектот претставува алатка за здруженијата и за текстилните компании која ќе им помогне полесно да комуницираат и да добијат признание и придобивки од страна на локалните власти и бизнис секторот, како и од потенцијалните чинители во синџирот на набавка. Беа реализирани и посети на учениците од средни текстилни училишта во неколку текстилни компании, со цел зголемување на имиџот на текстилната индустрија и привлекување на младите за вклучување во истата, како и заедничко учествуво на образовните институции, локалната власт и бизнис секторот во зајакнувањето на текстилната индустрија, воспоставување на добри релации меѓу овие чинители во подигнување на имиџот на гранката, бидејќи Македонија е сеуште многу атрактивна за странските купувачи, и истите треба да се задржат во насока на зголеување на извозот.


Во склоп на проектот, во соработка со Моден викенд Скопје, имаше и успешно организирана модна ревија на која пет македонски и шест бугарски текстилни компании ги презентираа своите производи. Пред ревиите публиката имаше можност да го види видео спотот „Одберете креативна професија! Бидете и вие дел од текстилната индустрија" кој го изработи Текстилниот кластер, со цел на новите генерации да им ги покаже перспективните страни на текстилната индустрија и потенцијалите за кариера во истата и со цел позитивна промоција на македонската текстилна инудстрија.


Проектот се обиде да изгради силни партнерства и да развие висок квалитет во синџирот на снабдување врз основа на доверба и заедничко разбирање, што дополнително ќе ја зајакне соработката меѓу индустриите на засегнатите страни во пограничниот регион и ќе обезбеди солидна основа за заеднички активности.



Објавено:
17 јануари 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
374 пати