Тениската ѕвезда, Роџер Федерер во соработка со NikeCourt, дизајнираше капсулна колекција, на задоволство на сите обожаватели.
Креативниот тим на NikeLab досега повеќе пати ги здружи силите со влијателни дизајнери создавајќи ексклузивни производи обединети под серија колекции насловена „Summer of Sport“. Оваа сезона редот му дојде и на Федерер, кој се приклучи кон дизајнирање на обувки, како што вели „за надвор од теренот“, со што сака да ги поврзе спортот и културата.
Колекцијата содржи и поло-маици, шорцеви, тренерки итн.
-Она што му беше многу важно на Федерер е колекцијата да може да се носи и на улица. Да не се ограничува само на спортскиот терен. Сакаше да придонесе нешто повеќе за спортската мода и воедно машката. Тој одлучуваше за боите, материјалите, патентите и останатите детали, инспириран од опремата на Nike што ја носи со години на тенискиот терен, што дава и личен печат на соработката – велат од спортскиот бренд.
Она што е интересно е дека и големините на производите се ограничени.
-Се одлучивме за производи со намалени големини, бидејќи тоа изгледа е тренд во модата. Колекцијата на прв поглед не „убива“, можеби не е толку впечатлива, но затоа прави да се посветите на деталите – објаснува тенисерот.
Така на пример, на парчињата има пет точки што го формираат крстот од швајцарското знаме, татковината на Федерер.
Тој додава дека колекцијата е нослива, удобна и модерна, што ја прави совршена за викенд прошетки, посета на тениски натпревар или опуштено дружење со пријателите.
Од брендот пак велат дека „NikeCourt x Roger Federer: Unlimited Class“ ќе биде ексклузивно достапна во продавниците на NikeLab во Лондон, како и онлајн и тоа од 30-ти јуни.