Се затвора модната агенција на Доналд Трамп

13 април 2017

Тоа што Доналд Трамп има модна агенција „Трамп Моделс“ и не е некое изненадување, напротив, би било чудно да нема. Но, она што изненади е што таа агенција се затвора.

Според американскиот магазин „Mother Jones“, тимот на семејството одлучило да се фокусира на нивните основни дејности, а тоа се недвижнини, голф и угостителство.

Агенцијата, која се наоѓа во Њујорк, се соочуваше со потешкотии, особено бидејќи го носи името „Трамп“, кое особено во последниот период не е баш синоним за стил и убавина.

Минатата недела беше забележано дека на агенцијата можно е да ѝ недостасуваат модели, особено после зголемените откази, не само од нивните клиенти, туку и букинг агенциите.

Најголемата загуба за агенцијата, од секој аспект е отказот што сама го поднесе еден од нивните најпознати и најангажирани модели, Меги Ризер. Неколку дена пред изборите, таа на својот Инстаграм профил објави: „Како жена, мајка, Американка и човечко суштество, не можам да се разбудам в среда наутро и да бидам на било каков начин поврзана со брендот Трамп“.

Потоа следеше и бојкот од страна на модната индустрија. Никој не сакаше да ги ангажира ниту моделите од агенцијата. На кастинг директорите им било наредено да не ги ангажираат.

Пред изборите, „Трамп Моделс“ се најде под „лупа“ поради обвинувањата дека моделите работат без визи, како и дека се сместени во тесни апартмани и тоа групни, за кои плаќаат високи кирии.

Инаку, Доналд Трамп ја основа агенцијата во 1999 година, што беше прокоментирано како „еве уште еден богаташ купува девојки за состаноци, можеби за неговите пријатели, а можеби и за него“. Иако поседува 85 проценти од акциите во компанијата, Доналд нема многу врска со водењето на агенцијата. Тој единствено е вклучен во организирањето на договорите за некои од моделите.

Од 1996 до 2005 година, Трамп ја поседуваше лиценцата за „Мис Универзум“, а агенцијата беше поврзана и со овој бизнис на основачот. Амбициите во тоа време беа големи, па како претседател на агенцијата беше вработена една од најпознатите модели од 1990-тите, Ени Велтри.

Без разлика на сè, „Трамп Моделс“ никогаш не оствари некои значителни приходи и покрај тврдењата на Доналд дека „успеал да се качи на врвот на модниот пазар“, како и покрај потпишувањето на договори со дел од најголемите имиња како Џери Хол и Беверли Џонсон. Оваа агенција ја презентираше и Кармен Дел Орефис, Јасмин Ле Бон и Исабела Роселини. Кратко време, меѓу моделите беше и Маланија Трамп, која стана негова девојка, а потоа и сопруга.

Според влијателниот кастинг директор, Џејмс Скали, „оваа агенција е безвредна“, така што нема многу луѓе да жалат за нејзиното затворање, ниту пак модната индустрија ќе загуби нешто. 

Објавено:
13 април 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
580 пати