„Шанел“ ги ископира обувките од „Долче и Габана“

9 мај 2017

Модниот бренд „Шанел“ неодамна ја презентираше ресорт колекцијата за 2018 година, инспирирана од Античка Грција. Покрај креациите, за многумина, меѓу кои и за Стефано Габана, највпечатливи беа гладијаторките со необични потпетици во форма на столб.

Тој на својот Инстаграм профил објави фотографија (преземена од друга страница), на која се споредени сандали од ревија на „Долче и Габана“ од 2014 година и овие на „Шанел“. Иако се во различна боја, со различно поставени ременчиња и облик, сепак она што го одвлекува вниманието е сличноста на потпетиците – и двете обувки имаат потпетица моделирана како грчко-римски јонски столб.

За разлика од друг пат кога Стефано би упатил директни обвинувања, овој пат под фотографијата напиша само „Интересно... Ова е само ре-објава“.

Но, после само еден ден, објави фотографија од истата страница, на која се гледа како „Долче и Габана“ во 2003 комплетно го „украле“ накитот со натпис „Секс“ кој претходно во 1989 година на модната сцена го пласира дизајнерката Вивиен Весствуд.

 

„Ок, вистина е!!! Бевме глупави и неуки кога го направивме ова!!! Се извинуваме на модниот гениј Вивиен Вествуд, на чија работа особено обрнуваме внимание“, напиша под таа фотографија.

Сепак, речиси никој не поверува во „Ова е само ре-објава“ на Габана, па затоа се огласија и од модната куќа „Шанел“. Во нивното соопштение се вели: „Иако двата модела обувки имаат заеднички детаљ – столб-потпетицата, дизајнот и естетиката на „столбот“, како и на обувката во целост, се значително различни“.

Она што е секако сигурно е дека како модата прогресира, така листата на вакви „сличности“ е поголема. Ова значи дека Грција ги инспирира и ќе продолжи да ги инспирира уметниците, дизајнерите, писателите, философите насекаде низ светот, благодарение на исклучителната култура што ја има.

Објавено:
9 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
358 пати
Извор: 
Allure