Симон Бајлс - инспиративната гимнастичарка блескаше и со трико-креациите на Олимписките игри во Париз

7 август 2024

Американската гимнастичарка Симон Бајлс беше доминантна на Олимписките игри во Париз во повеќе категории, притоа освојувајќи три златни и еден сребрен медал.

Таа, освен со своите воодушевувачки перформанси, блескаше и со трико-креациите кои совршено прилегаа на нејзината става.

На овогодинешните игри, Бајлс и остатокот од гимнастичкиот тим на САД (Џејд Кери, Суниса Ли, Џордан Чилс и Хезли Ривера) дојдоа вооружени со осум различни блескави трикоа. Дизајнирани од брендот за спортска облека GK Elite, аутфитите се работеа во последните две години и се покриени со илјадници Swarovski кристали, а се во автентичните бои на САД.

Симон Бајлс беше во фокусот на вниманието и на минатите Олимписки игри во Токио, откако го откажа учеството во многу категории натпреварувања за да работи на своето ментално здравје. Ставајќи го своето ментално здравје на прво место, таа ги инспирираше другите. Таа покажа дека достигнувањата на спортистите и другите достигнувања не нè дефинираат како луѓе. Тоа што нè дефинира е она за што се залагаме, она за што имаме пасија и она за што зборуваме. Таа е една од првите светски познати спортисти што јавно го даде приоритетот на менталното здравје пред натпреварувањата. Иако нејзиниот број на медали е инспиративен, сè што направи надвор од спортските збиднувања е она што навистина нè инспирира да се бориме за оние кои не можат, да зборуваме и да ги споделуваме нашите приказни и да ги поттикнеме другите да го сторат истото.

„Морам да ја оставам гордоста настрана. Морам да го направам она што е правилно за мене и да се фокусирам на моето ментално здравје и да не ги загрозувам моето здравје и благосостојба". - изјави тогаш Бајлс.

Објавено:
7 август 2024
Категорија: 
Актуел
Тагови: 
Олимпијада