Создавач на неодолива мода - Фиби Фило

6 декември 2014

Таа е една од ретките жени дизајнери што се залагаат за едноставност, квалитет и „реализам“ во презентирањето на модните парчиња за жени. Се чини одличната Фиби Фило секогаш  ги оправдува очекувањата на обожавателите на Селин со  супер колекции на нејзиниот бренд.  Оваа година беше во листата на 100 највлијателни жени, што секоја година ги објавува магазинот Time. Британската дизајнерка Фило, беше почестена и да ја прими наградата која ја доделува OBE (Order of the British Empire), највисокиот ред на британската кралска империја, за посебни заслуги на полето на модата. Таа ја  имаше привилегијата да биде една од  трите личности кои досега го добиле ваквото уважување.

Дизајнерката својата слава ја стекнува по актуелниот„мандат“ во модната куќа Селин, каде успешно менаџира како креативен директор, а претходно стоеше и зад креациите на Клое. И покрај тоа што ја предводи париска етикета, сепак таа заедно со нејзиниот дизајнерски тим работат во Лондон, каде живее заедно со сопругот и трите деца.

Фило, е родена во Париз во британско семејство. Дипломира на престижниот колеџ за уметност и дизајн „Central Saint Martins“, каде што и била современик на Стела Мекартни. По дипломирањето во 1997 година се преселува во Париз, и работи како асистент на Мекартни, која во тоа време е креативен директор на модната куќа Клое. Фило застана на водечката позиција во Селин во 2008 година и под нејзино раководство, брендот стана еден од најпрепознатливите на глобално ниво. Инвентивната модна дизајнерка  постојано докажува  дека е голема креативка и експерт во областа на естетиката создавајќи  низа од  must have парчиња.

fibi-filo

Не е тајна дека Фило е еден од најпочитуваните и моќни дизајнери, а нејзините дела се достојни за почит. Дека тоа е така, досега многупати се покажало и докажало, но оваа 2014-та година ќе биде посебно значајна за успесите на Англичанката чии креации ги обожаваме.

Објавено:
6 декември 2014
Категорија: 
Актуел