Супербоул: Кејти Пери комплетно во центарот на вниманието

2 февруари 2015

Кејти Пери е пејачката која ја имаше можноста и честа да ја забавува публиката во полувремето на најгледаниот американски спортски настан, Супербоул или финалето во Професионалната лига во американски фудбал.

Нејзиниот настап беше спектакуларен и привлече големо внимание. Таа отпеа осум песни, а на сцената се појавија и Лени Кравиц, со кого дуетски ја изведоа песната „I kissed a girl“ и Миси Елиот, која беше задолжена за три песни Get Ur Freak On, Work It, и Lose Control. Пери јаваше на метален лав, а за песната Firework имаше и вистински огномет, со што беа оправдани сите елементи на шоу.

Супербоул не е само спортски натпревар. Низ годините тој стана и забавен, но и настан кој се разгледува од моден аспект. За ова издание, за изгледот на Кети Пери се погрижи нејзиниот омилен дизајнер, Џереми Скот. Комплетно во негов стил, тој осмисли четири креации, а за Elle раскажа и како се случила соработката.

-Кејти ми се јави во октомври, кога јас бев во Милано за ревијата на Москино. Знаев дека нешто големо се случува, затоа што ми кажа дека мораме да зборуваме за нешто. После неа се јави и нејзиниот стилист, кој ми го повтори истото. Не ми беше јасно што е... Знаев дека Кејти не подготвува свадба, друго не ми паѓаше на ум. Една недела подоцна, ми раскажа: „Прифатив да настапувам на Супербоул. Сè ште не е објавено, но е многу важен момент за мене, па мора да биде фасцинантен. Но, сакам да биде фасцинантен за Кеjти Пери и Џереми Скот“. Беше многу дарежливо од нејзина страна да каже нешто такво, бидејќи ова навистина е нејзин  момент – раскажа дизајнерот на Москино.

А потоа прозборе и околу инспирацијата за креациите:

Огнен фустан

-Секоја креација мораше да биде одобрена од Национална фудбалска лига. Тие го имаа конечниот збор за нејзината облека. Нели е тоа чудно? Првата идеја која ја имавме беше за огнениот фустан. Се инспирирав од Адидас патики, кои на себе имаа пламени што излегуваат од нив. Сакав да има и крилја, како што тоа беше и на патиките, но таа сакаше да се задржам само на огнот, па така и беше.

California Girls

-Да создадете четири изгледи за еден изведувач е навистина напнато и стресно. После огнениот фустан, изглед на California Girls ни изгледаше како добро продолжение. Тие парчиња беа наменети да се носат под огнениот фустан. Направивме проба да бидеме сигурни дека градникот и долниот дел се соодветни за таа намена. А на пробата на настапот направивме трасформација, симнувајќи го фустанот со пламени и облекувајќи го волуменозното здолниште и тоа во десет секунди. За да соблечете креација од кожа за десет секунди е тешко. Само патент се откопчува толку многу брзо. Па, во склад со кореографијата и музичките проби, имавме и проба за облеката, за да провериме дали сè функционира.

Тренерка-фустан

Иронично, но оваа креација беше најтешко да се изработи. Исто така е последната што ја нацртавме, затоа што кога дознавме дека и Миси Елиот ќе настапи ѝ реков на Кејти: „Не можеш да ја пееш Get your freak on, во џиновски бикини како топка за плажа“. Ги разгледавме стајлинзите на Миси, и дојдовме на идеја за овој фустан. Но, на пробата се покажа како недоволно широк. Кога Кејти ја изведуваше кореографијата, фустанот се креваше и не можеше да се спушти. Но, од друга страна, не можевме да го направиме и премногу широк, затоа што тогаш би изгледал како ноќница, пижама. Поради оваа креација останував до многу доцна, но излезе како што треба. А бројот 49 го одбрав затоа што е 49-то издание на Супербоул.

Москино ѕзездена тоалета

Кога правите свечена тоалета, најчесто се работи за црвен килим, или писта. Москино знае како да го направи тоа. Оваа свечена креација има елементи кои се совршени за една ѕвезда на Оскарите, која мора да стои еден час на црвениот килим, но не е направена за брза промена. Па, затоа ние моравме да ставиме патент и да ја пробаме промената на костимите, затоа што тоа е најкомплицираниот дел. Го сакам овој фустан бидејќи е екстравагантен – Барби екстравагантен. Има откриена нога и гламурозни елементи. Го изработив од сребрен материјал,со холографски својства, а ѕвездите се наместени со жица, за да може постојано да стојат исправени.

Во продолжение погледнете ја галеријата и видеото од вчерашниот настап на пејачката:

Објавено:
2 февруари 2015
Категорија: 
Актуел