Традиционално, по 11 – ти пат и оваа година се одржа Новогодишниот базар „CraftART Fest“ на кој околу 40 – тина креативци од цела Македонија ги прикажаа своите фантастични рачни изработки во хотелот Арка.
Токму таму, можеа да се најдат вистински мали уметности како накит, шапки, вкусни колачиња, уникатни мали нешта за домот и што уште не. Во пресрет на празниците, на Новогодишниот базар сите посетители можеа да го одберат совршениот уникатен подарок за своите најблиски.
Креативната директорка на Здружението на граѓани „МАТА“ кои всушност се и организатори на настанот, Весна Аврамовска, посочи дека е сосема задоволна од посетеноста и промоцијата што им се овозможува на креативците што се дел од базарот.
„Ова е 11 – то по ред издание на Базарот, во период од 13 години на одржување на CraftArt Фестивалот. Воопшто не е тешко да се соберат толку креативни жени на едно место, но условите се такви какви што се, се случува тие да имаат ограничувања во набавка на квалитетни материјали, тука се и условите на пазарот, даноците се такви какви што се, така што тоа е она што ги кочи, но креативноста е секогаш на завидно ниво. Работиме веќе 13 години, работиме со производители од цела Македонија и имаме идентификувано повеќе од 400 – тина креативци, но постојано, работиме со околу 70, 80. Радува фактот што постојано се јавуваат нови, млади креативни сили кои прават овој настан секоја година да биде поинтересен и создаваат некоја неизвесност за тоа што ќе најдете следната година. Првите две години фестивалот го правевме во Чифте Амам и таму имаше многу повеќе посетители, но со времето се намалија финансиите, така што ова ни е победнички концепт да го наречам, со партнерот Арка кои се одлични соработници и ни го даваат просторот без надомест“, вели Аврамовска.
Дел од Новогодишниот базар беше и талентираниот Иво Наумовски кој стои зад брендот Lightcraft Studio, кој оваа година изложи ламби изработени од лејки и новогодишни честитки.
„Процедурата за изработка на ламбите е тешка, најпрво треба да се исчисти лејката од внатре, убаво да се отстрани сѐ што има, потоа се фарба, најчесто со боја за кожа, па или се резба или се буши. За разлика од ламбите, процедурата за изработка на честитките е полесна, тие традиционално се изработуваат со помош на класичната техника квилинг. Времетраењето на нивната подготовка секогаш зависи од комплексноста, понекогаш се случува да направам и по неколку на ден“, вели Наумовски.
Веднаш до неговиот штанд беше поставен оној на креативната Весна Апостолоска од „Мали Нешта“, која на посетителите им понуди вистинска идила од новогодишни украси за домот.
„Во „Мали нешта“, ние изработуваме декорации за домот, почнувајќи од украсни, па сѐ до употребни предмети. Токму сега, можете да ја видите и нашата новогодишна колекција во која може да најдете подметачи, лампиони, мали елки на расклопување... Македонците навистина знаат да ја ценат рачната работа, знаат и да ја препознаат... Иако состојбата во моментов не е сјајна, кога човек веќе ќе почне да се занимава со оваа работа, му влегува под кожа и ретко кој се откажал. Ова е веќе 11 – та година како сме присутни на овој базар, истата екипа сме и не се откажуваме... Ваквите базари всушност многу ни помагаат за промоција, и да не продадеме многу тука, даваме рекламен материјал, луѓето дознаваат за нас, се запознаваат со нашата работа...“, посочува Весна.
На Новогодишниот базар можевме да видиме и вистинско богатство од прекрасен накит, меѓу кое и она на уникатната Александра Иванова која прави нешто сосема поразлично и магично.
„Денеска изложувам накит од глина и накит изработен на медијапан, подготвен со сликарска подлога и сликан со фломастери. Накитот од глина е сликан со темпера, потоа е лакиран, а мотивите се претежно луѓе и куќи. Задоволство е да се изработи ваков накит, тоа воопшто не го гледам како потешкотија. Низ целиот процес јас минувам со уживање. Пред неколку години сликав на платно, и некако сега си реков да пробам да направам едно вакво дело за себе, и кога го направив, го поставив на Фејсбук и веднаш имаше реакции и нарачки. Убавината некако секогаш си наоѓа место, и бидејќи нема некоја огромна продукција, рачна работа е, тоа што ќе се направи секогаш си ја наоѓа другата страна“, вели Александра.
Прекрасен накит на Новогодишниот базар претстави и Даниела Наумова која твори зад брендот „Danna Jewelry“, која ни откри дека токму од денеска, почнува со работа и нејзината веб продавница.
„ Веќе од понеделник официјално почнува со работа мојата веб продавница „ Danna Jewelry “, каде ќе бидат достапни сите парчиња што јас ги изработувам. Традиционално, колку што јас се занимавам со оваа работа, значи околу пет години, толку време и изложувам на овој Новогодишен базар. Во кратки црти, мојата работа ја почнав преку МАТА, односно преку обуките кои тие ги овозможуваат за отпочнување на бизнис. Мојот бизнис план беше награден и така јас се регистрирав како занаетчија всушност. На Новогодишниот базар, помеѓу другите колекции кои што ми се постојани како старинскиот накит, имам дополнување на последната колекција „Змеј со оган во срцето“, тоа е една комерцијална линија која беше промовирана пред три месеци кога беа изложени уникатните парчиња, а денеска ги изложувам комерцијалните парчиња кои се подостапни за клиентите“, вели Наумовска.
Се надеваме дека и вие имавте можност да уживате во вчерашниот Новогодишен базар преполн со позитивна енергија и неверојатни креативци кои понудија уникатни подароци за претстојните празници, а доколку не успеавте да го направите тоа, сѐ уште има време да си нарачате!