Ричард Квин е дизајнерот кој ја имаше честа неговата ревија да ја следи кралицата Елизабета Втора. Но, истовремено, неговите креации беа последното нешто за што се зборуваше ден потоа.
Појавувањето на британската кралица е историски момент, бидејќи во текот на сите 34 години колку што се одржува модната недела во Лондон, ова е првпат Нејзиното Височество да присуства на некое од модните шоу-а.
Колекцијата ја следеше од првиот ред, веднаш до Ана Винтур. За потсетување, кралицата минатата година во мај ја одликуваше модната уредничка со почесната титула “дама“, за посебни заслуги во модата и новинарството.
Нивните фотографија денеска ги обиколија сите светски медиуми, а во фокус беа ставени две работи: доброто расположение на Ана и Елизабета Втора, и очилата за сонце на модната уредничка.
На фотографиите се забележува како двете познати дами одлично се забавуваат. Многумина коментираат дека ова е еден од ретките моменти кога Ана може да се види широко насмеана. И покрај позитивната атмосфера, модната уредничка се најде на удар на критики поради очилата за сонце, кои не ги тргна дури ниту при разговорот со кралицата.
Во интервјуто „60 минути со Ана Винтур“ од 2012 година, таа приза дека очилата за сонце се нејзин „штит“.
„Кога седам на некое шоу, може да ми стане и неверојатно здодевно, но со очила за сонце, тоа никогаш никој не може да го забележи. Тие се мојот штит“, рече тогаш уредничката.
Тие станаа дел од неа, нејзина препознатливост, па ретко кога е без нив. Во 2015 година ја изгледа целата манифестација на „Оскарите“ без да ги симне.
Исклучок направи при одликувањето од кралицата, ги испочитува правилата и го прими одликувањето без очила за сонце.
Но, при оваа последна средба со Елизабета Втора, тоа не го стори, а многумина тоа однесување го нарекоа како недолично и надмено. „Дејли мејл“ побара размислување од експертот за бон-тон, Вилијам Хенсон.
„Кралицата на модата се сретна со кралицата на Британија, но некои работи тргнаа наопаку тука. Иако модните избори на Ана Винтур се речиси непогрешливи, тоа не може да се рече и за нејзиното однесување таа вечер. Очилата за сонце се моден додаток за надвор и секогаш треба да се тргнат во затворен простор, дури и да се ваша препознатливост. Првин, не ви се ни потребни во затворени простории, а второ непристојно е да ги криете очите во комуникација, особено кога до вас седи Нејзиното Височество, нешто за што госпоѓата Винтур секако требала да направи отстапка од нејзиното “правило“. Во Бакингемската палата, кога го прими одликувањето, таа покажа дека одлично ги владее манирите. Кралицата, ниту пак некој од нејзинтие вработени, не го прокоментира однесувањето на госпоѓата Винтур, но сигурен сум дека помислила дека ваквото однесување е малку чудно“, вели Хенсон.
Од друга страна, има и такви што сметаат дека Ана Винтур „на свој терен“ можела да си го дозволи тоа, бидејќи сепак не се работи за официјална средба, туку за посета на моден викенд.
Инаку, Елизабета Втора во оваа пригода му ја врачи награда на младиот дизајнер од Британскиот моден совет, кој беше одбран за најдобар млад талент.
Таа на овој моден настан се појави во пастелно сина комбинација, креација на Ангела Кели, во комбинација со брош од Сваровски кристали и црна „Launer“ чанта и црни ракавици.
Ана Винтур пак, носеше фустан со принт од модната куќа „Александар Меквин“.