Првиот популарен модел, британката Твиги, викендов беше одликувана со титулата „Дама“ од принцот Чарлс, а во име на кралицата Елизабета.
„Беше време да го добиеш ова“, ѝ рече принцот при доделување на орденот.
Свечениот настан се одржа во Бакингемската палата, а 69-годишната манекенка се појави во друштво на сопругот, ќерката и синот.
За потсетување, Твиги на модната сцена се појавува во 1966 година, кога има неполни 16 години. Благодарение на необичниот андроген изглед и крупните очи, таа оствари голем успех и го постави стандардот за „слаби манекенки“, а поради виткоста и го доби прекарот, кој подоцна беше и синоним за слаб изглед.
Твиги на свеченоста се појави во бело одело, со потпис на Стела Мекартни, во комбинација со впечатлива шапка.
Инаку, и самата е дизајнерка, па зад себе веќе има неколку линии облека и модни додатоци, кои произлегоа од соработката со брендот „Маркс и Спенсер“, чие и заштитно лице е.